Марта Кос на дебата со членовите на АФЕТ, меѓу темите и проширувањето на ЕУ

Проширувањето, Украина и соседската политика на ЕУ ќе бидат главни теми на денешната дебата во Брисел на еврокомесарката за проширување Марта Кос со членови на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. 

– Состојбата со преговорите за проширувањето, агресивната војна на Русија против Украина и политиката на ЕУ кон соседството ќе бидат меѓу приоритетните теми од тековната работна програма на Комисијата за кои европратениците ќе дискутираат со комесарката Кос, соопшти Прес-службата на Европскиот парламент. 

Инаку, дебатата на Кос со членовите на АФЕТ се одржува пред утрешната седница на Комитетот на чиј дневен ред, меѓу останатото, е и усвојувањето на Предлог-извештајот за земјава на известувачот на ЕП, Томас Вајц. Предвидено е Извештајот да биде конечно усвоен на јулското пленарно заседание на Европарламентот. 

Покрај за Извештајот за земјава, членовите на АФЕТ утре треба да гласаат и за предлог-извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина и Грузија, како и за Предлог-извештајот и препораките за Договорот за подобрено партнерство и соработка меѓу ЕУ и Киргистан.

Зачлени се на нашиот е-билтен