ЕСМ ќе остане под Владата, а МЕПСО ќе биде под Министерството за енергетика, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Во интервју за РСЕ таа информира дека се работи на новиот Закон за енергетика и појаснува дека, согласно европските регулативи, производството на струја и дистрибуцијата не може да бидат под исто министерство.
„Наследивме големи проблеми во сите енергетски сектори и моментално работиме на изработка на Законот за енергетика и секако тука сме во зимскиот период. Значи најмногу фокусот е на обезбедување на електрична енергија за граѓаните. Правиме стратегии, краткорочни и долгорочни. Краткорочните се фокусирани на рударскиот комбинат РЕК Битола и снабдување на јаглен и ангажирање на сите енергетски капацитети. Додека долгорочните е правање на нови капацитети. Крајот на минатата година потпишавме скоро 100 мегавати за изградба на зелена енергија и се надеваме дека ќе продолжи ова и понатаму“, рече Божиновска.
Осврнувајќи се на тендерите за РЕК, оцени дека има поголем криминал од оној што е опфатен со акцијата „Адитив“.
„Со доаѓање на функцијата министер, минатата година разговарав со државниот ревизор. Побарав оваа година да бидат вклучени сите енергетски објекти во ревизија. Зборувавме што се случувало во МЕПСО, РЕК Битола и имам сознание дека, на пример, околу 400 милиони евра се потрошени за набавка на електрична енергија. За „адитивот“ исто знаев и го поздравувам, иако е 6,5 милиони евра. Меѓутоа, добро е што се почна од некаде. Се надавам дека ова нема да биде само еден случај, од медиумите разбрав за овие останати шест. Ја поздравувам нивната работа и се надевам дека ќе има судска разрешница за сите овие неправилности“, изјави Божиновска.
По посетата на РЕК Битола министерката констатирала дека ситуацијата во комбинатот е катастрофална и затекнала недомаќинско работење.
„Не е водено грижа ниту за блоковите, не е направен никаков ремонт, неквалитетниот јаглен има доведено до многу оштетувања. Меѓутоа, сега сме во зимскиот период и ние направивме, значи со раководството на РЕК, со натчовечки напори беше изготвен во соработка со Рударскиот институт од Штип – рударски проект, значи за до крајот на зимата. А за оваа година ке се работи на зајакнување и нормализирање на блоковите и ке има сериозен ремонт од 1 април па натаму“, истакнува Божиновска.
Министерката во интервјуто зборува и за изградбата на фотоволтаичните централи.
„Тука ќе воведеме ред и секако со МЕПСО работиме на ова. Се работи на изработка на мастер грид на нашата мрежа, точно е дека ќе има над 1.000 мегавати до крајот на годината обновливи извори. Ние сме секако во согласност со нашите европски партнери за зелена транзиција. И мора да овозможиме нашата мрежа да може да ги прими додатно овие капацитети. За сето ова е потребно време, меѓутоа и финансиски средства. Работиме со финансиските институции да се прошири нашата мрежа. Минатата година потпишовме со ЕБРД еден проект от 36,5 милиони евра, меѓутоа и понатаму ке работиме за да можеме да ги примеме сите овие мегавати и ке направиме ревизија на овие издадени 9.500 мегавати, кои се реални и што понатаку“, истакнува министерката Божиновска.