Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ќе замине за Велика Британија во неговата прва официјална посета откако ја презеде функцијата во мај, каде со британскиот премиер Кир Стармер ќе потпишат билатерален договор за пријателство.
Договорот од 27 страници главно има за цел да ја зголеми соработката во одбраната и надворешните работи, при што двете нации ја истакнуваат нивната обврска да се бранат една со друга во случај на напад, како што е предвидено со НАТО, пренесе ДПА. Берлин и Лондон, исто така, планираат да ја прошират соработката во одбранбеното производство.
Се очекува и нелегалната миграција да биде високо на агендата, со оглед на тоа што Британија со години се обидува да се справи со шверцот на луѓе преку Ла Манш. Минатата недела, Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон најавија нов договор за враќање на мигранти, кој треба да почне да се реализира за неколку недели и чија цел е да ги одврати мигрантите од опасното патување. Сепак, договорот сè уште е соочен со конечна правна проверка и консултации со ЕУ пред да може да тапи во сила.
Мерц и Стармер, исто така, треба да разговараат за економската соработка, бидејќи тие настојуваат да ги рестартираат германско-англиските врски по Брегзит, со кој Британија се повлече од Европската Унија во 2020 година.