Наместо протестен марш денеска по улиците на Кочани се одржа велосипедско возење во знак на поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани

Наместо протестен марш по градските улици, денес кочанчани во знак на поддршка и сплотеност со семејствата на починатите и повредените во трагедијата во дискотеката „Пулс“, организираа велосипедско возење.  Над 300 велосипедисте и спортисти, заедно со родителите на починатите, од централното градско подрачје се упатија кон селата Грдовци, Мојанци и Долни Подлог или по т.н „патека на оризот“, за во 12.05 часот пристигнат пред „дискотеката на смртта“ за да оддадат едноминутна почит.

– Почит кон трагично починатите, кон пријателите, семејствата, родителите, повредените. Сочувствуваме сите заедно и ја делиме болката која се прелеа во целото општество. Владее голема тага, вознемиреност, збунетост. Исто така се чувствува и огромна поддршка на „маршовите за ангелите“. Меѓутоа неминовно е да се запрашаме, дали треба да ни се случат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, изјави Жаклина Пауновска Ангелковиќ, инспектор по сообраќај, ЛС- Кочани

На настанот уште еднаш беше потенцирано незадоволството од реакцијата на институциите на системот по трагедијата.

– На 4-ти мај 1903 во борба загина Гоце Делчев, животот го даде за Македонија, Македонија слободна да биде, а денес, на 4-ти мај 2025 година Македонија е заробена држава. Заробена е во авторитет на центар на моќ, власта, без контрола и баланс, која ни го донесе 50-тиот ден од нашата болка, празнина и тежина, додаде Пауновска Ангелковиќ

Родителите, роднините и пријателите на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собири и протести и ќе бидат уште погласни во барањата правдата да излезе на виделина.  

Зачлени се на нашиот е-билтен