Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција не им веруваше на новинарите, дека цените на производите на листата за новогодишната кошничка веќе рипнаа. На денешната промоција на „корпичката“, тој рече, дека директорот на Пазарниот инспекторат, ќе направи контрола за да види какви се цените на пазарот ‘сега’ и ‘потоа’ односно дали тие ќе бидат намалени.
Но, според потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, Мицковски со “новогодишната кошничка“ само ги манипулира граѓаните, бидејќи бомбасичните најави на Владата ги натера трговците веќе да си ги зголемат цените на производите. Илиевски, порача дека најавената мерка на Владата за воведување на т.н. „новогодишна кошничка“ е задоцнета и промашена и дека ефектот од нејзината примена граѓаните нема да го почувствуваат.
„Цените на производите коишто денеска се објавија во изминатите дена трговците веќе ги поскапеа. Така е со голем број на млечни производи кои поскапеа во изминатите денови за 10 тина денари по килограм. Сега, и доколку цената се намали, ефектот кој ќе го почувствуваат граѓаните е нула, затоа што реално не добиваат поефтин производ и нема да им се намалат месечните трошоци“ рече Илиевски.
Илиевски, посочи дека на граѓаните не им треба времена мерка за одреден период, туку постојана помош и поддршка. Потпретседателот на СДСМ, смета дека нема механизам намалените цени реално да бидат спроведени, ниту пак, механизам за казнување, доколку трговците не ги почитуваат. ‘Владата сама вели дека ќе мониторира и ништо друго’.
“Со популизам, за некакви договорени цени, не може на граѓаните вистински да им се помогне. Со погрешните политики на Мицкоски нема, ниту среќни граѓани, ниту полни трпези. Ваквите мерки повеќе им одат во корист на трговците отколку на граѓаните. Очигледно, власта не мисли како да им помогне на граѓаните, затоа што вкупната вредност на синдикалната кошничка во месец ноември се зголеми и достигна огромни 62.021 денари. Има и ново зголемување за 772 денари во однос на минатиот месец. Семејствата сè потешко ги покриваат основните трошоци и се принудени да се откажуваат од потреби кои до вчера беа основни. Ова е резултат на неспособноста и незаинтересираноста на Владата на Мицкоски, која ги игнорира проблемите со кои граѓаните се соочуваат секојдневно“, посочи Илиевски.
Според потпретседателот на СДСМ, вистинска мерка која може да донесе реално и долгорочно намалување на цените на производите е решението на СДСМ, за укинување на ДДВ на храната. Со оваа мерка која им одговара и на граѓаните и на трговците, на долг рок ќе се намалат цените на 250 производи.
Денеска на промоцијата на „Новогодишната кошничка“, која ќе важи еден месец од 15 декември до 15 јануари, премиерот Мицкоски рече дека таа ќе опфати повеќе од 600 производи со цени намалени за 10 и повеќе проценти.
Според Мицкокски, листата на производи, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.
„Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека не се станува збор за интервентна мерка на Владата и со ограничување на цените, туку за консензуално решение поради што нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат визибилни за граѓаните.