Пратеници на опозициските партии СДСМ и Левица покренуваат иницијатива за свикување Надзорна расправа во рамки на Собранието, на која би се расправало за мерките и активностите што би се спровеле во насока на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.
Како што посочи пред медиумите пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, таа иницијатива произлегува од како што рече, поразителните резултати за квалитетот на воздухот.
Интенција е, како што појасни, во рамки на Парламентот преку деловнички и законски инструменти да се разговара за прашањето за животната средина, а како прашање што ги засега сите граѓани без исклучок, би требало да ги обедини сите пратеници во Собранието.
– Зачувувањето на животната средина како темелна вредност гарантирана со Уставот, а е дел од корпусот економски, социјални и културни права, не тангира секој од нас поединечено и сите нас заедно.
Одговорноста пред се на пратениците е заеднички да разговараат и изнајдуваат решенија и да се преземат конкретни мерки за зачувување на животната средина, рече тој.
Спасовски уште посочи дека предложената надзорна расправа би требало да даде одговори на многу прашања, и да овозможи на експертско ниво да се разговара по проблематиката со сите субјекти инволвирани во сферата.
Како статистика тој посочи поразителни резултати, нагласувајќи дека само за две години во периодот од 2018 до 2020 се регистрирани жртви на аерозагадувањето.
Тоа е, како што рече, речиси четири илјади луѓе или 18 проценти од вкупната смртност кај населението.
– Најпоразителен податок е што 11,6 отсто од новореденчињата односно секое деветто бебе во земјата умира поради загаден воздух, рече Крмов.
Тој рече дека иницијативата за свикување надзорна расправа по прашањето е со цел да се види како се спроведуваат политиките за заштита на воздухот, како се спроведуваат законите и кои се мерките што се преземаат од страна на надлежните органи по прашањето.