Општина Пустец станува се попривлечна туристичка дестинација, означен почетокот на туристичката сезона

Пустец станува се попривлечна дестинација, како за домашните така и за странските туристи, што го потврдува податокот дека од почетокот на годинава над 80 илјади посетители го избрале Пустец како своја дестинација, а се очекува овој број значително да се зголеми во текот на летните месеци.

Не криејќи го задоволството од овој факт, градоначалникот Пали Колефски по вчерашното свечено отворање на туристичката сезона, рече дека тоа се должи на убавините со кои располага ова подрачје, срдечноста на жителите и подобрените услови и квалитетните услуги.

– Посетители од регионот и пошироко, вчера заедно со нас, се собраа да го прослават еден од најзначајните настани на годината за оваа туристичка дестинација. Овој настан беше повеќе од симболично отворање – тој го претстави големиот потенцијал што го има Преспа да се претвори во атрактивна туристичка точка, не само поради природната убавина, туку и поради заштитените подрачја, уникатната флора и фауна, како и богатото историско и културно наследство што овој крај со гордост го чува, посочи тој.

Една од новините, оваа сезона, најавува тој, е отворањето на плажата „Ралник“, што е првата плажа во областа што се рехабилитира и уредува според сите стандарди за да ги пречека туристите во претстојната летна сезона.

Како локална власт, додава, планираме понатамошни инвестиции за развој на туризмот во текот на целата година, преку комбинирани понуди со плажи во лето и активности на отворено во текот на другите сезони, искористувајќи го природното богатство, биодиверзитетот и културното наследство на Преспанскиот регион.

На отворањето на сезоната, присуствуваше и вршителот на должноста македонски амбасадор, Љуфтим Спахиу.

– Не само што сме соседни земји, ние заеднички го делиме и езерото. Делиме и заедничка популација, Македонци и Албанци. Многу македонски граѓани доаѓаат тука да ја посетат и да уживаат во оваа убавина. Се надевам дека областа ќе биде што попосетувана од туристи, што значи и економски развој на истата, рече Спахиу.

Инаку, активноста беше организирана на плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на Пустец, а традиционално, беа презентирани природните убавини, културните богатства, традиции и обичаи, можеа да се вкусат македонските традиционални јадења, а големиот број присутни уживаа и во богатата музичка програма, со македонски песни и ора. Македонско оро долго се виеше на плоштадот, во кое учествуваа и гостите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен