Палевски: Јас сум жртва на „морален атентат“

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува на 16 април откако денеска во Основниот Кривичен суд Скопје сведочеше обвинетиот Љупчо Палевски кој негираше одговорност за двојното убиство.

Кон крајот на расправата, Љупчо Палевски ги отфрли обвинувањата поврзани со настаните од 22 ноември 2023 година, денот кога според обвинителството бил убиен Панче Жежовски, нагласувајќи дека времињата и фактите наведени во обвинението не се совпаѓаат со реалноста.

„На 22 е карактеристично тоа што додека бев со кучето Хера во дворот, разговарав со наш член на самата ограда, затоа што се плашеше од кучето. На 22 ноември не постои состанок со Манев и со Видевски, од едноставна причина што, во посоченото време, дека околу 12 стигнале од месноста Рудник во штабот, јас разговарам со Миле, секретарот на партијата“, рече Палевски и наброја со кого сѐ имал телефонски разговори во тој период.

Тој исто така го постави прашањето за времето на смртта на Панче Жежовски, нагласувајќи дека нема докази или логично обвинение за тоа. „Како е утврдено кога е убиен Панче, јас не знам. Времињата не се совпаѓаат, а обвинението е полно со нелогичности,“ додаде тој.

„Моментот на смрт на Панче Жежовски до денес не е утврден. Докажано е и евидентирано дека двете возила поминуваат покрај хотелот „Романтик“ и заминуваат по регионалниот пат кон Скопје. Како пресметале кога е убиен Панче? Досега не понудија докази. Според времињата, она што е сигурно е дека Кешишев во 10:30 часот поминал покрај хотелот „Романтик“ кај езерото Младост. Како успеале, според тврдењето на ОЈО, да го убијат Панче и да се возат во шок и бессознание до Маџари, да се паркираат, да се претоварат во „кангуто“ и да стигнат до 11:47 часот да разговараат на телефон? Тоа е невозможно физички“, рече тој.

Според него е чудно, што на 24 ноември се враќаат во Рудник, според исказ на Манев, дека отишле да го затрупуваат. 

„Дали е тоа напад на совест, не знам, па по вторпат се враќаат на местото на злосторството, но постои можност и тогаш да е убиен Панче. Јавното обвинителство не се потрудило да утврди време на смрт на Жежовски, од едноставна причина, за да можат да шетаат низ времето“, рече Палевски.

Наведе дека во кривичната пријава е наведено дека Панче е убиен во 21:30, а во обвинението во 9:30 часот. – Според камерите на хотел „Романтик“, „цитроенот“ во 10.30 сѐ уште е во Велес. Таму е ископана дупка со пречник метар и 60, длабока три метри, што е 5 кубика земја или две тракторски приколки. При таква ископана земуница, како што ја вика Велибор, која не е затрпана до горе после убиството на Панче, туку само еден метар, на 27 декември повторно копале дупка на местото Дупки, рече Палевски.

Потоа Палевски во детали ја коментираше истрагата и преземените дејствија од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, посочувајќи дека нив единствена цел им била, како што рече „од 4 декември Палевски треба да биде монструм, а не да се бара оружје“.

Нагласи дека на 22.11.2023 година му го поправал котелот на Ерол Османи, а претходно посочи дека има во неговиот телефон имало 12 пораки и 2 телефонски разговори со кои се докажува дека сведокот Османи лажел пред судот.

Одговарајќи на прашањата од неговиот адвокат, Јовица Страшевски, претходно потенцираше дека патувал до Турција на регуларен начин заради здравствени причини и лични интереси. Посетата до Истанбул, според неговиот исказ, покрај снимање магнетна резонанца била и посета на воен архив.

Првообвинетиот за убиствата и грабнувањата на Вања и Панче,денеска во основен кривичен суд Скопје ја негираше одговорноста, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес, објави МИА.

Зачлени се на нашиот е-билтен