Дваесет и едногодишен жител на кумановското село Орашац починал денеска во Клиничкиот центар во Скопје од тешки повреди по пад од зграда во изградба во Гевгелија.
Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека денеска било пријавено во Полициската станица Гевгелија дека при извршување градежни работи на зграда во изградба на булевар „Гевгелија“ во Гевгелија, Б.Б.(21) паднал и се здобил со тешки телесни повреди.
-Тој бил пренесен во болницата во Гевгелија, од каде поради сериозноста на повредите бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што починал. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а увид на местото извршиле инспектор од Државен трудов инспекторат и екипа на ОВР Гевгелија, соопшти МВР во дневниот билтен.