Повеќе од 40 000 странци „заглавени“ во Израел, евакуација чекаат и 22 македонски државјани

Околу 40 000 странци, повеќето туристи, моментално се „заглавени“ во Израел поради тековниот конфликт со Иран, соопшти израелското Министерство за туризам. По ескалацијата на судирите, авиокомпаниите ги откажаа летовите, принудувајќи ги патниците да одлучат дали да чекаат да заврши конфликтот или да бараат алтернативни патишта низ соседните земји.

Воздушниот простор на Израел е затворен за цивилен воздушен сообраќај, а израелската национална авиокомпанија „Ел Ал Ерлајнс“ соопшти дека ги откажува летовите до 23 јуни.

Евакуација од Израел и враќање во Македонија чекаат и 22 македонски државјани кои досега побарале помош од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).

Од МНРиНТ вчера соопштија дека во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата.

Воедно, се апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен