Деновиве во Задар, Хрватска се одржа првата промоција на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ од авторите од Институтот за македонска литература и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје: Славчо Ковилоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска, Марина Цветаноска, Ема Лакинска, Трајче Стамески и Бранко Тошовиќ. Монографијата е во издание на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет (Грац), а е во редакција на Славчо Ковилоски и Бранко Тошовиќ. На промоцијата се обратија двајцата редактори (Тошовиќ и Ковилоски, кој одржа и предавање за македонската книжевност) и Марина Цветаноска.
За македонската книжевност и култура воопшто, значајно е излагањето на редакторот и авторот Бранко Тошовиќ, професор на Универзитетот во Грац, кој потенцираше дека во серијата „Словенска стилистика“: „првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е македонски, што со големо задоволство го посочувам. Во текот на една година интензивна работа ги проучуваше и ги осмисли основните насоки на развојот на македонската книжевна метастилистика и метапоетика и ги презентира во публикацијата“.
Исто така, тој истакна дека „презентирањето и популаризацијата на македонски стилистички и поетички истражувања во светот, особено во словенскиот регион и поранешна Југославија ќе биде олеснето со фактот (1) дека оваа монографија е објавена надвор од Македонија ‒ во Австрија, (2) дека е отпечатена во научна серија на една од комисиите на Меѓународниот славистички комитет, (3) дека е опремена со резиме и содржина на англиски, на германски и на руски јазик, со предметен индекс и индекс на имиња и со литература по секоја статија и интегрална библиографија на крајот од аналитичкиот дел од книгата, (4) дека ќе биде претставена на научни собири во повеќе земји“.
Треба да се има предвид дека ова издание е прво од ваков вид во македонската литература. Овој пионерски потфат, во извесна мера би можел да послужи и како своевидна историја на македонската книжевност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век па сѐ до денес.
Во текот на следниот период, најавени се промоциите на изданието во Париз, Мадрид и Бања Лука, а се работи на договори за промоции и во Загреб, Риека, Белград, Љубљана, Букурешт, Братислава и други македонистички и славистички центри. На почетокот на летото е планирано да се одржи и првата од неколкуте македонски промоции.