Најголемиот протест се одржа во градот Санта Круз на Тенерифе, каде според полицијата се собрале околу 9.000 луѓе.
Илјадници луѓе вчера протестираа на Канарските острови против масовниот туризам, барајќи од властите да преземат мерки за негово ограничување, но и за подобрување на локалните економски можности и условите за работа во угостителскиот сектор.
Под истиот слоган „Канарските острови имаат граници“, протести за поддршка се одржаа и во други шпански градови.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораки: „Биодиверзитетот на Канарските острови е исто така ограничен“, „Политичари, почитувајте ги Канарските острови“, „Еколошки даноци сега“ и „Каде се парите од туризмот?“.

Учесниците на протестот побараа ограничување на градбата на островите, како и почитување на еколошките прописи.
Исто така, побарано е надлежните повеќе да ги почитуваат интересите на локалното население, а не да им даваат предност на туристите.
Портпаролката на една од еколошките организации кои повикаа на протест, Ноелија Санчез, истакна дека ова е трет пат во последната година граѓаните да излезат на улица бидејќи властите ги игнорираат нивните барања.
Таа изјави дека досега не се усвоени нивните предлози за мораториум на туризмот, ограничување на продажбата на недвижен имот на туристи и воведување еколошки такси.
Демонстрантите порачаа и дека е неприфатливо 34 отсто од населението на Канарските острови да живее под прагот на сиромаштија, додека архипелагот годишно го посетуваат 18 милиони туристи и дека мора да се најде решение за таквата ситуација.
Организаторите најавија дека наскоро ќе ги интензивираат протестните активности.