Извршниот директор на Indian Oil Н, Сентил Кумар, најави дека индиските државни рафинерии целосно ќе го пуштат во употреба најдолгиот гасовод за течен нафтен гас во светот до јуни, значително намалувајќи ги трошоците за транспорт на гориво и помагајќи да се спречат смртоносни сообраќајни несреќи
„Ова ќе го промени начинот на снабдување со ТНГ и сè ќе работи како линија за склопување“, рече Кумар.
Проектот кој е вреден 1,3 милијарди долари треба да ги замени стотиците камиони кои патуваат низ земјата за да префрлаат гориво од рафинериите во фабриките, зголемувајќи го ризикот од несреќи.
Имено, во декември загинаа 20 лица, 45 беа повредени, а десетици возила беа оштетени откако камион удри во возило на индиската нафтена компанија во северозападниот град Џајпур.
Indian Oil, Bharat Petroleum и Hindustan Petroleum заеднички формираа IHB за да постават гасовод долг 2.800 километри од Кандла на западниот брег до градот Горахпур на север.
Првата фаза ќе биде пуштена во употреба во март, а целосно ќе биде оперативна од средината на оваа година, рече Кумар, кој е и претседател на заедничката компанија.
Мрежата ќе може да транспортира околу 8,3 милиони тони ТНГ годишно, или околу 25 отсто од вкупната побарувачка на Индија. Веројатно значително ќе ги намали транспортните трошоци кај третиот по големина потрошувач во светот бидејќи околу 70 отсто од фабриките за флаширање сè уште го добиваат со камиони.
Локалната употреба на горивото, главно потребно за готвење дома, порасна за четири петтини во текот на изминатата деценија на 29,6 милиони тони во фискалната година што завршува во март 2024 година, надминувајќи го зголемувањето на побарувачката за рафинирани нафтени деривати од 47 отсто.