Швајцарски медиуми: Додека ЕУ молчи, Ердоган ја погребува демократијата во Турција

Швајцарските медиуми апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу го оценија како погребување на демократијата во Турција од страна на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Според весникот „Тагес-Анзајгер“ Ердоган со апсењето на Имамоглу, го „заврши својот проект – изборите повеќе не треба да имаат никакво значење во Турција“.

„Се чини како Ердоган да ја прашува својата земја: Дали навистина верувате дека можете да одлучите кога ќе заминам? Она што Ердоган го сака е вечен претседателски мандат. А тактиките како оваа, се она што го одржува на власт повеќе од две децении“, наведува „Тагес-Анзајгер“.

Весникот истакнува дека Ердоган секогаш бил подготвен да направи чекор понатаму заради власта, но дека никогаш не отишол толку далеку и дека тоа е „прекршување на табуто што ја става Турција во иста категорија со земји како Русија или Азербејџан“ во кои „сè уште има избори, но секој однапред го знае победникот“.

„Ердоган ги нападна своите противници со најмоќното оружје со кое располага – судството. Можеби ќе може да бара мир со Курдите, но мирот ќе надвладее за цела Турција само кога тој еден ден нема повеќе да е на власт“, заклучува „Тагес-Анзајгер“.

Додека „Ноје вирхер цајтунг“ (НЗЗ) објави дека согласно турскиот Устав, Ердоган по истекот на третиот мандат во 2028 година повеќе нема право да се кандидира за претседател, но најверојатно се обидува да распише предвремени избори и да го смени Уставот.

„Ердоган и неговите приврзаници не сакаат ништо да препуштат на случајноста. Неколку дена пред апсењето, на Имамоглу му беше одземена универзитетската диплома. Универзитетската диплома е еден од предусловите за да се кандидира за претседател“, наведува НЗЗ.

Третманот на Ердоган кон противниците, критичарите и противниците, според весникот, „одамна ги зајакнува веќе големите сомнежи за неговото разбирање за демократијата“.

Весникот потсетува дека Турција пред повеќе од 20 години стана кандидат за членство во ЕУ, кога Ердоган беше премиер, и дека тогаш се обврза да ги почитува демократијата и владеењето на правото, но оти Унијата пред неколку години ги прекина преговорите поради состојбата со владеењето на правото и честото кршење на човековите права.

НЗЗ потенцира дека „многу малку е веројатно“ Турција да стане членка на ЕУ, но земјата повторно е во фокусот поради војната во Украина, турската одбранбена индустрија и нејзините искусни вооружени сили.

„Ердоган уште еднаш го држи подолгиот лост. Поради зголемените сомнежи за безбедносно-политичкиот ангажман на САД, Европа мора да се вооружи, а Турција може да даде важен придонес во тоа. Затоа, малку е веројатно дека ЕУ во иднина ќе инсистира на поголема демократија и човекови права во Турција, па и да ја поддржи опозицијата. Затоа, Ердоган речиси нема потреба да се плаши од критиките од Европа. Тој ќе продолжи да ги угнетува или елиминира своите критичари и противници“, посочува НЗЗ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен