Не смееме како досега да останеме мирни и така некои кои се нашле на црните листи да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и во случајов. Постојат во меѓународното право, постојат и во меѓусебните односи начини како да се дојде и до тие докази и да се започне постапка овде зошто во спротивно ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и всушност на тој начин го толерираме беззаконието. Значи, очекувам судот, очекувам јавниот обвинител да почне да постапува, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во однос на одлуката на американскиот Стејт департмент, за ставање на црна листа на Артан Груби и на апелацискиот судија Енвер Беџети.
-Значи треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види навистина како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции и тука не можам а да не кажам дека најголемиот дел од вината лежи во кого – во оние два најважни органи, тоа е Судскиот совет и Советот за јавните обвинители бидејќи многу пати сум рекла тие треба да бидат чуварот на независноста на судството. Тие треба да бидат филтерот.