Илјадници демонстранти се собраа доцна во саботата во главниот град на Грузија Тбилиси, градејќи барикади, кршејќи прозорци и поставувајќи огномети пред парламентот, во знак на протест против владата која се откажа преговорите за пристап во ЕУ.
Полицијата одговорила со водени топови и солзавец во толпата.
Демонстрациите беа убедливо најголеми откако минатиот месец беше реизбрана антизападната владејачка партија на гласањето што проевропската опозиција вели дека е наместено.
Во еден момент во собраниската зграда избувнал мал пожар, најверојатно предизвикан од огномет. Демонстрантите го запалија ликот на најбогатиот човек во Грузија, основачот на владејачката партија Бидзина Иванишвили, на скалите на парламентот.
Грузиските медиуми објавија дека има и други протести во градовите низ целата земја.
Претходно во саботата, премиерот Иракли Кобахиџе ја обвини проевропската опозиција за заговор за револуција. Службата за државна безбедност соопшти дека политичките партии се обидуваат „да ја соборат владата насилно“.
Грузија долго време важеше за една од најцврсто прозападните држави што излегоа од распадот на Советскиот Сојуз, но во последно време беше поблиску до орбитата на Москва. Кризата започна во четвртокот, кога владејачката партија Грузиски сон соопшти дека го запира процесот за членство во Европската унија. Таа ја обвини ЕУ дека ја уценува Грузија.
Поддршката за членството во ЕУ во Грузија е голема, а желбата и напорите за приклучување во Унијата се содржани дури и во нејзиниот устав.
Стоејќи пред зградата на парламентот во главниот град, каде знамињата на ЕУ и Грузија висеа рамо до рамо, демонстрантката Тина Купреишвили рече дека сака Грузија да ја одржи својата уставна определба за пристапување во ЕУ.
„Народот на Грузија се обидува да го заштити својот устав, се обидува да ја заштити својата земја и државата, и тие се обидуваат да и кажат на нашата влада дека владеењето на правото значи се“, изјави таа за Ројтерс.
Претседателката Саломе Зурабичвили, која е против владата и го поддржува членството во ЕУ, но чии овластувања се главно церемонијални, рече дека нема да ја напушти функцијата кога ќе и заврши мандатот следниот месец, бидејќи новиот парламент е нелегитимен и нема овластување да именува нејзин наследник.
Грузискиот сон освои речиси 54 отсто од гласовите на изборите на 26 октомври, победувајќи ја опозицијата која вели дека гласањето е наместено. И владејачката партија и грузиската изборна комисија велат дека изборите биле слободни и фер. Западните земји повикаа на истрага.
Владејачката партија водеше кампања за одржување на земјата во мир и ја обвинува опозицијата дека се обидува да ја вовлече Грузија во војна со Русија во име на Западот.
Премиерот Кобахиџе ги обвини противниците на запирање на процесот за членство во ЕУ дека планираат бунт, по линијата на протестот во Украина на Мајдан во 2014 година, со кој беше соборен прорускиот претседател.
„Некои луѓе сакаат повторување на тоа сценарио во Грузија. Но, нема да има Мајдан во Грузија“, рече Кобахиџе.
Грузиските медиуми објавија дека највисоките дипломати во земјата во САД, Италија, Холандија и Литванија поднеле оставки во знак на протест поради прекинот на преговорите со ЕУ.
Над 200 службени дипломати потпишаа отворено писмо во кое го осудуваат ставот на владата. Стотици вработени во грузиските министерства за одбрана, правда и образование, како и во централната банка, исто така потпишаа отворени писма во кои ја осудуваат одлуката за замрзнување на пристапните преговори со ЕУ.
Министерството за внатрешни работи во саботата соопшти дека привело 107 лица во главниот град Тбилиси, за време на протестот во петокот вечерта на кој демонстрантите граделе барикади долж централната авенија Руставели и фрлале огномети врз полицијата, која употребила водени топови и солзавец за да ги растера.
Снимките од безбедносните сили како насилно апсат демонстранти беа широко распространети во саботата. Народниот правобранител на Грузија рече дека полициската бруталност врз демонстрантите била „вознемирувачка“. Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека е „длабоко загрижена“.
Големите бизниси, вклучително и банките на лондонската берза TBC Bank и Банката на Грузија ја изразија својата поддршка за пристапувањето во ЕУ. Моќната православна црква во земјата издаде соопштение во кое го осудува насилството на протестите.
ЕУ соопшти дека длабоко жали за потегот на владата. Стејт департментот на САД во саботата соопшти дека како одговор го прекинува своето стратешко партнерство со Грузија.