Совет за општи работи на ЕУ: Добрососедските односи остануваат суштински во процесот на проширување

Во заклучоците за проширувањето што денеска ги усвои Советот за општи работи на ЕУ, во однос на Западниот Балкан, се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација. Советот забележува дека се уште се потребни решителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност.  

„Советот силно ги охрабрува партнерите да ги решат своите билатерални спорови и прашања вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучувајќи го и Договорот за прашањата за сукцесија“, се додава во текстот. 

Според Советот, од клучно значење останува понатамошното зајакнување на соработката за прашања од надворешната политика и се очекува од партнерите целосно да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ, вклучувајќи го и почитувањето на рестриктивни мерки, како клучен аспект на процесот на интеграција во Унијата и силно изразување на стратешкиот избор за „место во заедница на вредности“.  

„ЕУ продолжува да стои покрај партнерите и да им дава помош, особено на оние кои се целосно усогласени со ЗНПБ. Спречувањето на заобиколување на рестриктивните мерки на ЕУ, вклучително и оние усвоени како одговор на руската агресивна војна против Украина, останува од огромно значење. Советот ја поздравува континуираната посветеност на партнерите кон заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ (ЗБОП), вклучително и придонесот во мисиите и операциите на ЕУ од повеќето од нив“, се оценува во заклучоците. 

Според Советот, спротивставувањето на предизвиците на хибридните закани е клучен приоритет, па затоа ЕУ е посветена на понатамошно продлабочување на соработката со партнерите, меѓу другото и за спротивставување на активностите за манипулација со информации и ширењето дезинформации и лажни руски наративи. 

„Борбата против тероризмот, насилниот екстремизам, радикализацијата и организираниот криминал и понатаму се од суштинско значење. Советот останува посветен на натамошно продлабочување на успешната соработка со партнерите во овие области. Нерегуларната миграција останува итен предизвик кој бара континуирана соработка и координација со сите партнери. Советот уште еднаш ги пофалува партнерите од Западен Балкан за нивната конструктивна соработка, како и Турција за нејзините континуирани напори да биде домаќин на една од најголемите популации на бегалци во светот“, се потенцира во заклучоците, при што се нагласува и важноста на усогласување на партнерите со визната политика на ЕУ. 

Советот потенцира дека очекува сите партнери јасно и редовно да го информираат своето население за придобивките и обврските кои произлегуваат од нивните патишта кон ЕУ, како и за нивната посветеност на вредностите на ЕУ и неопходните реформи, а за возврат Унијата ќе ја зајакне својата стратешка комуникација за процесот на проширување. 

Во однос на економските критериуми, Советот позитивно забележува дека повеќето од економиите на партнерите покажале значителна издржливост и покрај тековната руска агресија врз Украина, но дека е важно тие да ги забрзаат структурните реформи потребни за одржлив раст и да постигнат напредок во исполнувањето на економските критериуми за членство во ЕУ. 

„ЕУ ќе продолжи да дава поддршка на сите нивоа на политичката, економската и социјалната трансформација на земјите аспиранти, врз основа на видлив напредок во владеењето на правото и социо-економските реформи, како и на почитувањето на вредностите, правилата и стандардите од страна на партнерите. ЕУ ќе продолжи да обезбедува значителна финансиска помош за партнерите во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка – Глобална Европа, како и техничка поддршка“, се додава во заклучоците. 

ГАК потенцира дека останува посветен на приближување на партнерите до ЕУ, подготовка на теренот за пристапување и обезбедување конкретни придобивки за нивните граѓани веќе за време на процесот на проширување и го поздравува напредокот во постепената интеграција постигнат во текот на изминатата година.  

„Советот ќе продолжи да поттикнува понатамошно унапредување на постепената интеграција врз основа на заслуги и на реверзибилен начин, во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 2022 и 2023 година и надградба на ревидираната методологија за проширување. Постепената интеграција останува предмет на соодветно усогласување со правото на ЕУ. Советот ја нагласува важноста од целосно искористување на потенцијалот на постоечките правни инструменти“, се вели во заклучоците, во кои се нагласува дека Советот со нетрпение очекува да ги види понатамошните предлози од Комисијата во таа насока. 

Советот, исто така, ја поздравува тековната имплементација на Планот за раст за Западниот Балкан и за Украина, кои, како што се нагласува, треба да обезбедат невидена финансиска поддршка и реформска помош.  

„Советот ги поздравува амбициозните реформски агенди и Украинскиот план што ги усвоија партнерите од Западниот Балкан и Украина и потсетува дека исплатите на поддршката зависат од ефективното спроведување на наведените реформи. Советот ја поздравува најавата на Комисијата за нов план за раст за Молдавија и брзото усвојување на преговарачката позиција на Советот за предлогот за воспоставување на Инструмент за реформски и раст на Молдавија, со цел што е можно поскоро да се постигне политички договор“, се додава во заклучоците за проширувањето што денеска ги усвои Советот за општи работи на ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен