Турција ги укина ограничувањата за увоз на стоки од Сирија, објави портпаролот на Сириската управа за копнени и морски премини, Мазен Алуш. Изјавата е дадена по средбата меѓу Алуш и претставници на турското Министерство за трговија.
По падот на режимот на Башар ал Асад во декември минатата година, Турција и Сирија се договорија да ги укинат царините за одредени стоки и да започнат преговори за потпишување нов договор за слободна трговија. Последниот договор меѓу двете земји беше суспендиран по почетокот на војната во Сирија во 2011 година.
Турското Министерство за трговија ја потврди одлуката да се дозволи сириска стока во земјата, како и нивно преминување преку турска територија во трети земји, јави ДПА. Анкара додава дека договорот не вклучува транзит на отпад во трети земји.
И покрај прекинот на трговскиот договор во 2011 година, Анкара ја продолжи трговијата со северна Сирија, контролирана од протурските бунтовници. Според официјалната статистика, извозот на Турција во северна Сирија достигна 2,2 милијарди долари во годината пред падот на режимот на Асад.