„И покрај нашето вчерашно присуство на терен и поднесената пријава до надлежните органи за небезбедна зграда дивиградба која без документи се гради на булевар Никола Карев, сепак без срам денес продолжуваат градежните активности на истата дивоградба која се наоѓа на 100 метри од полициска станица“, напиша советничката во Советот на Град Скопје, Ирена Витина.
Витина, информира дека работата на дивоградбата се одвива непречено, пред очите на Министерството за внатрешни работи, без никаква интервенција и без реакција од другите надлежни институции.
„Овој случај уште еднаш го отвора прашањето каде се институциите и зошто не постапуваат? МВР, државната градежна инспекција на министерството за транспорт и општинските градежни инспекциски служби на општина Чаир имаат законска обврска веднаш да го спречат понатамошното незаконско градење и да обезбедат соодветна одговорност за сите инволвирани“, напиша Витина на својот фб.
Таа алармира дека граѓаните имаат право на уреден, безбеден и законски регулиран простор.
„Толерирањето на небезбедни дивоградби, особено кога тие се градат и по официјално поднесени пријави, е директно кршење на правниот поредок и ја поткопува довербата во институциите. Се потврдува изјавата на еден од полициските службеници каде бевме вчера скоро 3 часа во полициска станица Кисела Вода, дека на определена територија во општина Чаир немаат никаква моќ на постапување“, пишува Витина.
Витина повикува на итна реакција да се спречи беззаконието, бидејќи како што пишува ‘законот мора да важи еднакво за сите’.