Вработените од неколку министерства во 11 часот излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Од 11 до 11.30 часот на штрајк ќе излегуваат секој ден оваа недела, а в петок ќе штрајкуваат пред Министерството за финансии. Разочарани се што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навреме доставениот предлог до Министерството за финансии.
-Од изборот на новата Влада, досега остваривме средби со сите министри и заеднички со нив подготвивме предлог Колективен договор. Со нивна подршка го доставивме до Министервтото за финансии и тоа пред донесувањето на Буџетот за 2025, но од неразбирливи причини за нас, МФ не одобри средства за потпишување на КД. Во моментот висината на платите на вработените во овие институции кои протестираат почнува од 25.010 денари, просечната плата е околу 29.000 денари, додека просечната плата во државата е 42.124 денари, вели лидерот на УПОЗ, Трпе Деановски.
Одлуката за протести на вработените во повеќе државни институции и министерства е последица од фактот што Министерството за финансии не им одобри 30 отсто додаток на плата, односно не ги визираше нивните Колективни договори, со кои е врзана исплатата наовој додаток. Од УПОЗ тврдат дека вработените во овие министерства се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, дел од здравство, образование и финансии кои веќе го добија тој додаток.