Воридис: Мигрантските бранови во Грција се намалени за 30 отсто

Благодарение на ефикасната гранична безбедност и подобрената соработка со Турција, мигрантските бранови во првите четири месеци се намалија за околу 30 отсто и покрај зголемувањето од 174 проценти на брановите од Либија, рече министерот за миграција и азил на Грција Макис Воридис за време на неговото учество на конференција, јави дописничката на МИА од Атина

Воридис, говорејќи за миграциската политика на Грција истакна дека земјата следи јасен и функционален систем за азил, но и порача дека „без ефикасни враќања, не може да има суштинска миграциска политика“.

За системот за азил објасни дека околу 55 отсто од барањата се прифаќаат, а останатите се одбиваат, но имаат право на внатрешна жалба, која ако исто така е одбиена, тогаш лицето се смета за нелегален мигрант.

– Му даваме 25 дена да замине. Проблемот е што најчесто не заминуваат. Европа како целина не успева да спроведе ефикасна политика за враќање, а без тоа не може да има миграциска политика. Потребни ни се алатки за да се осигураме дека мигрантот, кој треба да биде вратен е под контрола на администрацијата. Ова може да се направи или со притвор или со други мерки: информирање за престој, кауција, електронски надзор или редовно пријавување во полиција, објасни министерот.

Во изминатиот период за нелегално пренесување мигранти, криумчарите користат јужната рута, односно по морски пат патуваат од Либија кон Грција или Италија.

Како што вчера објави МИА, за 24 часа во близина на грчките остров Гавдос и Крит, во четири одвоени случаи биле откриени и спасени вкупно 228 мигранти. 

Зачлени се на нашиот е-билтен