Додека во остатокот од Европа се водат жестоки дебати околу безбедноста, регулацијата и обемот на вештачката интелигенција (AI), Албанија гледа на оваа технологија како на клучен инструмент за забрзување на своето членство во Европската Унија. Премиерот Еди Рама оди чекор понатаму – вели дека во иднина земјата би можела да има министерство управувано целосно од AI, се вели во опсежната анализа која ја објави Politico, посветен на оваа тема.
„Министерство без корупција и непотизам“
На прес-конференција во јули, Рама објасни дека AI може да стане „најефикасниот член на албанската влада“. Тој тврди дека министерството управувано од алгоритам нема да биде подложно на непотизам, конфликти на интереси или политички влијанија. „Еден ден, можеби ќе имаме цела влада составена од AI министри и премиер,“ изјави Рама, повикувајќи ги и локалните ИТ-експерти да работат на создавање модел кој би можел да „се избере“ за министер.
Иако идејата засега е во доменот на визија, премиерот смета дека вреди сериозно да се разгледа.
Поддршка и критики
Поранешниот политичар и писател Бен Блуши е ентузијаст за AI и верува дека држави управувани од технологија се реална можност. „AI не прави грешки, не бара плата, не може да се корумпира и не престанува да работи,“ вели тој, додавајќи дека ваквиот систем би можел да ја преобликува демократијата.
Но не сите се безрезервни поддржувачи. Пратеничката од опозициската Демократска партија, Јорида Табаку, предупредува дека AI е „алатка, а не чудотворец“. Според неа, ако истите актери кои досега профитирале од корупција ја програмираат технологијата, таа само ќе го „дигитализира“ постоечкиот проблем. „Не можеш да поправиш расипан систем со тоа што ќе го качиш во облак,“ вели таа.
AI веќе во функција
Иако министерство управувано од AI е далечна идеја, Албанија веќе применува вештачка интелигенција во пракса. Во администрацијата, таа се користи за:
- Јавни набавки – анализа и откривање неправилности во реално време.
- Даночни и царински трансакции – мониторинг за спречување на злоупотреби.
- Сателитски и дронски надзор – откривање на нелегална градба, злоупотреба на јавни плажи и илегални насади на канабис.
- Сообраќајна безбедност – планирано е воведување систем со препознавање лице кој ќе предупредува возачи директно на мобилен телефон и ќе испраќа казни по електронски пат.
Покрај тоа, властите планираат примена на AI во здравството, образованието и дигиталната идентификација на граѓаните.
AI и евроинтеграцијата
Една од најамбициозните примени на AI е директно поврзана со патот на Албанија кон ЕУ. По отворањето на преговорите во 2022 година, земјата се соочува со огромниот предизвик на усогласување со acquis communautaire – околу 250.000 страници европски закони и стандарди.
Тука, Албанија се здружи со Мира Мурат, поранешен технички директор на OpenAI и креатор на ChatGPT, родена во јужна Албанија. AI алатките што ги развива нејзината компанија „Thinking Machines“ веќе помагаат во преводот, споредбата и идентификацијата на разликите меѓу националното и европското законодавство.
Рама вели дека целта е Албанија да го заврши процесот за пет години – две помалку од Хрватска, која според него „експелирала“ во интеграциите.
Дигитализација и јавни услуги
Воведувањето на AI е дел од пошироката дигитална стратегија. До 2030 година, Рама сака Албанија да стане целосно безготовинска економија. Веќе 95% од сите услуги за граѓаните се достапни преку онлајн-порталот e-Albania, каде виртуелен „дигитален јавен службеник“ помага во поднесување даночни пријави, вадење изводи и аплицирање за дозволи.
Во пет години, преку платформата се извршени 49 милиони трансакции, заштедувајќи над 600 милиони евра на граѓаните дома и во дијаспората.
Од бебиња-лидери до реални пречки
Албанската влада привлече внимание и со необични AI проекти – како што беше видеото за Европската политичка заедница во мај, каде 47 европски лидери беа претставени како „бебешки верзии“ што зборуваат на својот мајчин јазик.
Но зад креативноста, експертите предупредуваат дека Албанија нема доволно кадар, инфраструктура, дата-центри и финансии за целосна AI трансформација. Потребен е внимателен, чекор-по-чекор план со правна рамка и механизми за безбедност.
„Нема друг пат – мора да се адаптираме,“ вели ИТ експертот Геронд Тачи. „Но народот мора да биде подготвен за промената.“