Апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, само неколку дена пред неговата очекувана номинација за претседателски кандидат на опозициската Републиканска народна партија, предизвика бран протести низ целата земја.
Имамоглу, кој важи за најголем политички противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, е обвинет за корупција и поврзаност со терористичка група, а властите го сомничат како лидер на криминална организација. Заедно со него, уапсени се и десетици политичари, новинари и бизнисмени.
И покрај четиридневните рестрикции воведени од гувернерот на Истанбул, илјадници демонстранти излегоа на улиците и универзитетските кампуси, скандирајќи антивладини пароли. Протестите ескалираа со судири со полицијата, а се очекуваат и нови демонстрации, откако опозициските лидери и сопругата на Имамоглу повикаа на масовна поддршка.
„Волјата на народот не може да се замолчи. Народот ќе одговори на лагите, заговорите и замките против мене“, изјави Имамоглу.
Во меѓувреме, интернет мониторинг платформата „Нетблокс“ соопшти дека турските власти драстично го ограничиле пристапот до социјалните мрежи, вклучувајќи Икс, Јутјуб, Инстаграм и ТикТок.
Апсењето доаѓа само еден ден откако Универзитетот во Истанбул ја поништи дипломата на Имамоглу поради наводни нерегуларности – одлука што, доколку биде потврдена, може да го спречи да се кандидира на претседателските избори. Според турскиот устав, кандидатите за претседател мора да имаат завршено високо образование.