Атина прогласена за најдобра европска културна дестинација и градска туристичка канцеларија

На Светските туристички награди 2025, Атина ги надмина европските метрополи како Париз, Лондон и Рим, а градоначалникот истакна дека признанието е резултат на колективните напори на градот.

За најдобра европска културна дестинација и најдобра градска туристичка канцеларија во Европа беше наградена Атина на Светските туристички награди (World travel awards 2025), а атинскиот градоначалник Харис Дукас посочи дека тоа е резултат на „колективните напори“.

Како што информираа од општина Атина, во категоријата за најдобра европска културна дестинација, грчката метропола беше избрана меѓу градови како Париз, Лондон, Прага, Рим, Венеција, Лисабон и Порто, додека пак во другата категорија ги победи Мадрид, Берлин, Лондон и други европски центри.

„Признанието на Атина како водечка културна дестинација е резултат на колективен напор. Наградата им припаѓа на луѓето на градот, на туристичките работници, уметниците и на вработените кои секојдневно го одржуваат жив пулсот на Атина. Во нашиот град минатото се среќава со иднината, културата со современиот живот, а традицијата со иновацијата. Со план и доследност, стабилно се искачуваме на европската културна и туристичка карта“, истакна Дукас.

Минатата година Атина беше прогласена за најдобра светска културна дестинација и најдобра европска City Break дестинација.

Зачлени се на нашиот е-билтен