„Британија е во многу мрачно место“ – предупредува Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама остро ја критикува најавената британска намера да отвора „центри за враќање“ во трети земји за одбиени баратели на азил, оценувајќи дека планот открива колку пост-Брекзит Велика Британија „се наоѓа во темна точка“. „Пред десет години никому немаше ни да му падне на ум дека Британија ќе бара места каде би ги ‘фрлала’ мигрантите“, рече Рама во интервју за Guardian.

Рама потсети дека уште од мандатот на Борис Џонсон им одговара со категорично „не“ на сите барања Албанија да стане домаќин на вакви кампови. Истото го истакнал и на заедничката прес-конференција со сегашниот премиер Кир Стармер во мај, кога во Тирана повторил дека Албанија нема да учествува во проектот.

Албанија, сепак, прифати слична шема со Италија, што Рама ја оправдува со „посебната, речиси братска“ врска меѓу двете земји: „Италија беше со нас во секој тежок момент уште од денот кога излеговме од сталинистичкиот кошмар — кога Рим бара помош, ние велиме ‘да’.“ Договорот со Италија засега е блокиран од тамошните судови.

Додека Рама предупредува на „извоз“ на мигранти кон Балканот, македонската влада минатиот месец потпиша рамка за кредитна линија до шест милијарди евра од Обединетото Кралство за инфраструктурни проекти во железницата, енергетиката, здравството и технологијата. Официјалните информации за договорот се ограничени, достапна е само кратка скица од меморандумот потпишан на 22 мај во Лондон.

Досега не е јасно дали заемот е условен со повластен статус за британски компании, дали содржи арбитражни клаузули пред британски судови или, како што предупредува Рама во поширокиот контекст, „скриени“ обврски поврзани со миграциски аранжмани.

Договорот со Велика Британија доаѓа во момент кога ЕУ настојува да го ограничи влијанието на надворешни играчи во Западен Балкан. Затоа медиумите и граѓанскиот сектор инсистираат владата веднаш да ги објави сите анекси и финансиски услови. Инаку, земјата ризикува да влезе во долговен аранжман чија вистинска цена — политичка и економска — би се открила дури по една деценија.

Колку и да се потребни инвестициите, пораката на Еди Рама отвора сомнеж: дали „скриените клаузули“ што ги критикува во британските миграциски политики можат да се провлечат и во финансиските договори со земјите од регионот? Одговорот зависи од тоа колку бргу и прецизно Владата ќе ги расчисти овие дилеми, што допрва ќе стануваат сè погласни.

Зачлени се на нашиот е-билтен