Дијана Хрка, мајката на Стефан кој загина во уривањето на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад, јавно го поддржа предлогот на превозникот Миломир Јаќимовиќ за блокада на Белград и ги повика Новосаѓани да излезат и да се приклучат. Таа порача дека е потребна заедничка акција и обединет настап доколку граѓаните сакаат да дојдат до резултат.
На прес-конференција, Хрка рече дека е охрабрена од одлуката на Јаќимовиќ и неговиот син да го прекинат штрајкот со глад, додавајќи дека вечерта ќе продолжат со разговори за следните потези. „Го поддржувам планот за блокада, но треба заедно да одлучиме како и кога ќе се спроведе. Време е да бидеме под еден шатор и да се договориме што правиме понатаму“, изјави таа.
Таа истакна дека блокада од 48 часа би можела да биде првиот чекор, но дека сè ќе зависи од заедничкиот договор меѓу групите кои протестираат.
Хрка веќе 17 дена престојува во протестниот шатор пред Собранието на Србија – каде што започна штрајк со глад барајќи одговорност за смртта на нејзиниот син и другите жртви. Иако штрајкот го прекина, таа вели дека ќе остане пред парламентот „колку што треба“ и дека шаторот ѝ станал „втора куќа“.
Таа повтори дека нејзината цел е поголема од личната трагедија – да ги охрабри граѓаните да се обединат и да се спротивстават, како што рече, на „злото“ кое го чувствува во институциите и во општеството.

