ЕУ планира да и скрати 1,5 милијарди евра на Србија

Србија би можела да остане без 1,5 милијарди евра од фондовите на Европска унија, а Европската комисија ја разгледува и можноста за суспендирање на финансиската помош поради загриженост за состојбата на демократијата и владеењето на правото во земјата.

Според достапните информации, Брисел сè повеќе изразува загриженост за политичките и судските реформи во Србија, како и за блиските односи на актуелната власт со Русија. Европската унија претходно предупреди дека средствата од фондовите се условени со почитување на демократските стандарди и јакнење на институциите.

Србија води преговори за пристапување кон ЕУ од 2014 година и има право на финансиска поддршка преку претпристапните фондови. Но, исплатата може да биде суспендирана доколку се оцени дека реформите стагнираат или се движат наназад.

Европската комисија веќе изразила загриженост за измените во законите за правосудство, кои според оценките од Брисел ја нарушуваат независноста на судството и довербата во институциите.

Дополнителен проблем се обвинувањата за притисоци врз медиумите, како и реакциите на властите на протестите и политичките противници. Европските претставници нагласуваат дека функционалната демократија и слободните медиуми се клучни услови за продолжување на процесот на проширување.

Одлука за евентуална суспензија на средствата сè уште не е донесена, но сигналите од Брисел укажуваат дека идниот тек на преговорите и финансиската поддршка ќе зависат од конкретните потези на српските власти.

Како што изјави европската комесарка за проширување Марта Кос, Европската комисија проценува дали Србија и понатаму ги исполнува условите за исплата на средства од европските финансиски инструменти.

Според повеќе европски функционери, во последните недели се засилува иницијативата за замрзнување на исплатите. Од 2021 до 2024 година, ЕУ издвоилa повеќе од 586 милиони евра грантови, а од 2000 година Србија добила над 7 милијарди евра средства и инвестиции.

„Како земја кандидат, очекуваме Србија да се придржува до принципите на нашата надворешна политика и повеќе да ги усогласи ставовите“, порача Кос.

Зачлени се на нашиот е-билтен