Германска компанија ќе гради фабрика за вештачка интелигенција во Бугарија вредна 3 милијарди евра

германска

Германската компанија Brinell Compute GmbH планира да изгради фабрика за вештачка интелигенција (ВИ) во Бугарија, во близина на Пловдив за 3 милијарди евра.

За таа цел, беше потпишан Меморандум за намери и разбирање помеѓу бугарската влада и германската компанија за спроведување на инвестицискиот проект.

Одлуката беше донесена на 21 јануари пред пладне, а попладне ја потпиша вицепремиерот и министер за иновации Томислав Дончев.

„Постапката за избор на инвестициска дестинација е во исклучително напредна фаза, при што конечната одлука од страна на управните и надзорните органи на инвеститорот е планирана да се донесе во вториот квартал од 2026 година“, рече по тој повод Томислав Дончев.

Тој додава дека германската компанија „има намера да спроведе инвестициски проект во Бугарија за изградба на компјутерски капацитети за вештачка интелигенција во износ од 3 милијарди евра“.

„Се очекува имплементацијата на проектот да започне најдоцна до вториот квартал од 2026 година“, рече вицепремиерот.

Компанијата Brinell Compute е регистрирана во септември 2025 година во Минхен со капитал од 25.000 евра. Планира да развива и гради фабрики за вештачка интелигенција од следната генерација, според веб-страницата на компанијата.

Главната цел на компанијата е да создаде дигитална инфраструктура на утрешнината. Нејзиниот тим успешно имплементираше над 4 GW енергетска инфраструктура на мрежно ниво низ цела Европа, обезбедувајќи над 2,5 милијарди евра финансирање за енергетски проекти, наведува нејзината веб-страница, без да се прецизира каде е имплементиран овој проект.

Управен директор на компанијата е Тило Марсел Браун.

Акционери се Brinell Group и Gordias Capital GmbH на Philipp Merck.

Сè уште не е јасно кои се точно намерите на компанијата, како ќе се обезбеди инвестицијата и во кој временски рок.

Се вели дека компанијата е еден од трите инвеститори со намера за изградба на центри за податоци и вештачка интелигенција, што пред некое време го објави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Клучен фактор за деблокирање на ваквите проекти се смета почетокот на проектот за изградба на подводен оптички кабел по дното на Црното Море, кој ќе ја поврзе Бугарија со Турција и Грузија, а во подоцнежна фаза и со Украина. Проектот KARDESA го спроведува британскиот Vodafone со инвестиција од над 100 милиони евра и треба да стане реалност до крајот на 2027 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен