Грција и оваа година ќе ја продолжи традицијата на „Божиќната кошничка“ и „Кошничката на Дедо Мраз“, кои ќе бидат достапни во маркетите и продавниците за време на празниците. Ова го најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку објава на Фејсбук.
Од среда, „Кошничката за домаќинствата“, воведена во 2022 година, ќе се прошири со шест нови категории празнични производи, неопходни за божиќната трпеза. Таа ќе содржи мисиркино, јагнешко и козјо месо, чоколади, милиброд и новогодишна погача. Од 18 декември, ќе стартува и „Кошничката на Дедо Мраз“, која ќе вклучува десет категории играчки за најмладите.
-Божиќ секогаш носи радост за семејствата, особено за децата, но истовремено значи и дополнителни трошоци за возрасните. Затоа, државата мора да биде на страната на граѓаните, не само со општи мерки за подобрување на заработката или намалување на даноците, туку и со насочени иницијативи за покривање на празничните трошоци, истакна Мицотакис.
Тој нагласи дека поддршката на семејството останува приоритет на Владата.
„Кошничката за домаќинствата“, која беше воведена пред една година, содржи над 50 основни производи. Практиката на грчката влада е за време на големите празници, како Божиќ и Велигден, кошничката да се збогати со сезонски производи, што ја прави уште попристапна и корисна за граѓаните.