Отворен Балкан е создавање на смисла за добрососедство. Тој прави границите да не разделуваат, туку да спојуваат и она што е важно за секоја регионална интеграција, особено во Западен Балкан е да се биде отворен, истакна Кристофер Хил, амбасадор на САД во Република Србија и поранешен американски амбасадор во Северна Македонија.
На денешната конференција „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, Хил посочи дека поентата на Отворен Балкан е да се креира чувство на заедништво и начин на функционирање со соседството. Според него, регионалната интеграција е важна, како и границите кои не ги делат луѓето, туку обединуваат.
„Отворен Балкан создава добрососедство и го олеснува протокот на движење на границите. Поентата на иницијативата е да се создадат начини на соработка со соседите“, истакна амбасадорот Хил, по што се осврна на дијалогот меѓу Србија и Косово, како и ситуацијата во Босна и Херцеговина, како најголеми регионални предизвици во моментов.
На прашањето дали има надеж да се донесе американскиот оптимизам на Балканот, тој одговори дека смета оти имаме репутација за оптимизам.
„Искрено, ако одите во САД може и да се соочите со некои други работи во тој дел. Но, искрено, бев тука во 1996 година и немаше многу причини да се чувствувате многу оптимистични, а видете што се случува во овој период“, рече тој, дополнувајќи дека луѓето имаат свои очекувања, а кога ќе го подигнете нивото на очекувања, тогаш оптимизмот се намалува.
Според Хил, доколку погледнеме што се случува во оваа земја во последните 30 години, како што рече „не може да бидете ништо друго, само оптимистичен“.
Во делот со корупцијата и трговијата со наркотици, тој одговори дека тоа е проблем, но, како што рече, не е ексклузивен проблем само на Балканот, постои и во другите делови на светот.
„Моето лично гледиште е дека граѓаните треба да ги сметаат лидерите за одговорни. Но, сметам дека фокусот треба да биде на институциите“, рече тој.
Хил смета дека раководството на Русија, како што рече, „ја однесе цивилизацијата во шумата“.
„Ваквото раководство во Русија ја однесе цивилизацијата во шумата. Трагедија е што направија на Украина, огромна трагедија, но, исто така, огромна трагедија што самите си направија на себе. Мораме и кога ќе кажам ние, зборувам за САД и сојузниците, мора да бидеме победници, мора да бидеме јасни дека не смеете да го нападнете соседот и да им ги убивате децата на своите соседи, ова е многу емоционално. Но, една од оние работи што во животот не се соочуваме секоја година, но, има работи за кои што мора да бидеме на чисто и да бидеме подготвени да се справиме сè додека не надвладееме“, рече тој.
На настанот прашање во врска со кибер нападите му беше поставено и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека што се однесува до безбедносната состојба, Северна Македонија има особено важна геостратешка позиција, а тогаш и безбедносните проблеми се сериозни.
„Ние како МВР предупредувавме години наназад. Сега во нашата држава и регионот се случува тоа што се случуваше три години пред инвазијата на Русија врз Украина. Кибер заканите обзнанија дека институциите треба да се подготват. Имавме неколку месеци жестоки напади преку електронски закани токму во образованието, а засегнати беа сите во општеството, родителите, учениците, наставниците. Тоа беше сериозен предизвик, но, со меѓуинституционален одговор, соработка и комуникација со безбедносните служби, АНБ, АР, како и нови упатства и протоколи за сериозно дејствување против заканите, истите практично престанаа. Ова само укажува на хибридна војна во целиот регион, со лажни вести и обиди за рушење на перспективите на Република Северна Македонија во ЕУ“, рече министерот Спасовски.