Косовската царина потврди дека значително е намален влезот на српски производи и дека во јуни и јули годинава вредноста на увозот од Србија на Косово изнесува речиси 20 милиони евра, односно над 50 милиони евра помалку од истиот период лани. Од Косовската стопанска комора (ПКК) соопштија дека во јули вредноста на стоката што влегла во Косово од Северна Македонија надминала 30 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград.
Србија до забраната за увоз беше меѓу земјите со најголемо присуство на своите производи на Косово, додека стоката што ја има во продавниците, пред се храната, увезена е пред 15 јуни.
Косовската стопанска комора (ПКК) соопшти дека компаниите веќе ги замениле повеќето производи од Србија со производи од други земји, пренесе агенцијата Бета.
-Неколку странски компании, кои произведуваа стоки во Србија, го преориентираа своето работење во фабриките што ги имаат во регионот, изјави претседателот на Стопанската комора на Косово, Љуљзим Рафуна, за приштинските медиуми.
Според него, Северна Македонија стана главна увозна дестинација на косовскиот бизнис, бидејќи територијалната близина не ги зголемува роковите за транспорт на стоки, а со тоа и нивната цена.
-На граѓаните им беа понудени производи со ист квалитет и немаше поскапување, иако се увезени од друга земја, изјави Рафуна.
Во јули вредноста на стоката што влегла во Косово од Северна Македонија надминала 30 милиони евра, што споредено со истиот период лани е повеќе од 8 милиони евра.
Зголемен е и увозот од други земји, како Германија – над 53 милиони евра во јули минатата година, а овој јули близу 70 милиони евра.