Метеоролошката служба во Грција предупредува: Пеколен викенд и ги посочи најтоплите области

Грција

Метеоролошката служба во Грција предупреди дека е во тек продолжен топлотен бран, за време на кој се очекуваат температури од 42 степени во некои области.

– Ова е во суштина првиот топлотен бран од ова лето што ќе трае долго време – изјави Костас Лагувардос, директор за истражување во Националната опсерваторија во Атина и раководител на единицата METEO/EAA, пренесува „Катимерини“.

Тој изјави дека се проценува дека областите каде што ќе бидат забележани највисоки температури се Тесалија, Западна Грција и Централна Македонија.

Според досегашните податоци, најлоши временски услови се очекуваат денес и утре, додека топлотниот бран во многу области ќе трае до средината на следната недела.

Максималната температура ќе биде 38-40 степени, додека локално температурата може да достигне 42 степени Целзиусови.

Во исто време, според податоците на METEO/EAA, воздушните маси во Грција ќе бидат за 6 до 8 степени потопли од вообичаеното за сезоната.

Како што нагласува Лагувардос, ова не е екстремен топлотен бран во однос на интензитетот на температурата, но се очекува топлината да трае 6 до 7 дена, додека крајот на топлотниот бран ќе биде повторно оценет врз основа на новите податоци на почетокот на следната недела.

– Овој викенд ќе биде најжежок. Во понеделник и вторник, температурата ќе се намали на истокот и југот од земјата, но ова нема да важи за преостанатите области, во западна Грција, централна Македонија и Тесалија, каде што топлината ќе продолжи – рече тој.

Додаде дека ветровите што ќе дуваат од понеделник, со јачина од 5 бофорти, локално на југ и југоисток од 6 до 7, ќе го зголемат ризикот од пожари.

– Затоа, пирометеоролошките индикатори се влошуваат од ден на ден, особено кога ветровите значително ќе се засилат од понеделник па натаму – рече Лагувардос, нагласувајќи дека вакви вредности обично не се регистрираат на крајот на август.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?