Косовското собрание ја избра Јустина Широка-Пула за нова претседателка на Косово, со што таа стана првата личност од католичка вероисповед на оваа функција во земја во која повеќе од 93 проценти од населението се изјаснува како муслиманско.
Широка-Пула беше избрана во раните утрински часови со 81 глас во 120-членото собрание, непосредно пред истекот на уставниот рок. Нејзиниот избор спречи распишување нови предвремени парламентарни избори.
Изборот следуваше по договор меѓу Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти и опозициската Демократска партија на Косово. Во политичките преговори што му претходеа на гласањето главни теми беа претседателскиот кандидат и измените на законот поврзан со Специјализираните совети во Хаг.
Верската припадност на Широка-Пула не беше дел од јавните несогласувања околу нејзината кандидатура.
Според пописот од 2024 година, 93,49 проценти од населението во Косово се изјасниле како припадници на исламската вероисповед, 2,31 процент како православни, а 1,75 процент како католици.
Широка-Пула е родена во Приштина во 1953 година. Таа е економистка и универзитетска професорка, а во декември 2025 година беше избрана за претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово, како прва жена на чело на институцијата.
Од 2008 до 2011 година беше министерка за енергетика и рударство, а потоа и пратеничка во косовското собрание од редовите на Демократската партија на Косово.
По изборот за претседателка, Широка-Пула порача дека мандатот им припаѓа на граѓаните и дека ќе биде претседателка на сите граѓани.

