По средбите меѓу високи српски државни функционери и високи руски државни функционери, а потоа и пораката дека Москва ќе продолжи да му дава поддршка на својот братски народ, јасно е дека тоа значи поддршка за Александар Вучиќ да го врати разнишаниот рејтинг. И тоа е старата добра приказна за обоената револуција, пишува денеска во својата анализа Нова.рс.
Претседателот на Србија веќе со недели зборува за обоени револуции, странски платеници, напади врз земјата однадвор. Според него, овој „напад“ се врши преку студентите и нивниот протест, а Вучиќ вели дека во оваа приказна се вложени три милијарди евра.
Вучиќ изјави дека „овој напад против нас се извршува однадвор“, но дека тој одвнатре е на пат на голема победа. Вучиќ рече дека ќе напише книга за тоа, која би била бестселер. Ако му се верува на претседателот, тој со содржината на неговите пишувања ќе ги уништи сите тие „напаѓачи“ насекаде низ светот.
Прилично нејасно и тешко за следење, но во изминатите неколку дена целата приказна доби нов контекст.
Прво, во Москва се сретнаа српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Шефот на руската дипломатија по таа средба изјави дека Русија го осудува мешањето на други, пред се западни земји, во внатрешно-политичките процеси во Србија.
„Претседателот Вучиќ презентираше конкретни факти за грубо мешање на странски држави во внатрешните политички процеси во Србија. „Ја осудуваме оваа практика и инсистираме принципот на немешање во внатрешните работи да биде цврсто почитуван од сите, а пред се од нашите западни колеги“, рече Лавров на 17 февруари.
Европската унија реагираше на средбата меѓу Ѓуриќ и Лавров во Москва.
Портпаролот на Европската комисија на 17 февруари најави дека Србија, како земја кандидат за влез во Европската унија, треба да се воздржи од акции и изјави кои се спротивни на надворешната политика на ЕУ.
И повторно Вулин
Потоа, српскиот вицепремиер Александар Вулин се сретна со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, а потоа преку соопштение порачаа дека ќе го интензивираат дијалогот за да се спротивстават на „обоените револуции“.
Посебно се нагласува дека „руската страна изразила подготвеност да продолжи да му дава поддршка на братскиот народ на Србија во одржувањето на стабилноста“.
„Потврдено е категоричното отфрлање на надворешното мешање во внатрешните работи на суверените држави“, се додава во соопштението.
Српските и руските функционери истакнуваат дека „обоенените револуции“ доаѓаат во време на масовни протести во Србија, каде демонстрантите повеќе од три месеци инсистираат на одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Поранешниот дипломат и српски амбасадор во Белорусија Среќко Ѓукиќ вели дека се прават напори да се спаси рејтингот на Вучиќ и дека Москва од се срце помага во тоа.