Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Момировиќ: Отворен Балкан дава резултати, пример е преминот Прешево-Табановце

 Министерот за трговија на Србија, Томислав Момировиќ, денеска на Регионалната конференција „Развој на нови пазари и привлекување нови клиенти и деловни можности“, во организација на Д.Р. Гилберт центар и Словенечкиот бизнис клуб, изјави дека регионалната иницијатива Отворен Балкан има за цел да создаде единствен регионален пазар и затоа мора да се продолжи со укинување на непотребните гранични процедури, бидејќи само така може да се генерираат повеќе инвестиции, да се забрза и зголеми протокот на луѓе и стоки и да се подигне стандардот на сите граѓани во регионот.

Момировиќ правејќи паралела за долгото чекање на граничните премини на Србија, особено оние кон ЕУ, посочи дека позитивен пример е намаленото чекање на преминот Прешево-Табановце, благодарејќи на Отворен Балкан.

– Според податоците во средината на мај, на граничниот премин Хоргош на влез во Србија камионите чекале 30 минути во колона од седум камиони, додека на излезот од Србија се чекало од девет до 11 часа со колона камиони долга три километри. На граничниот премин Батровци, на влез во Србија, се чекало шест часа, додека на излез камионите чекаа од 16 до 18 часа, со колона долга повеќе од пет километри, изјави Момировиќ

Според овие податоци камионите од ЕУ полесно влегуваат во Србија, а од друга страна граничните органи на земјите членки на ЕУ имаат многу покомплицирани процедури, имајќи предвид дека се работи за надворешна граница на ЕУ и засилени контроли.

– Колку иницијативата Отворен Балкан веќе дава позитивни резултати може да се види на примерот на граничниот премин Прешево, каде времето на чекање од двете страни е идентично, до 30 минути, а колоната не е поголема од седум камиони, бидејќи е воспоставено интегрирано управување со границата со Северна Македонија, рече Момировиќ.

Тој додаде дека е постигнат напредок во решавањето на долгогодишните нецарински бариери и бариери кои довеле до олеснување на трговската размена во регионот, пред сè во областа на увозот и извозот на прехранбени производи.

– Во некои случаи, времето за извоз-увоз на прехранбени производи е намалено и до 50 отсто, а директните трошоци за такси се намалени и до 80 отсто, што резултираше со зголемување на обемот на трговската размена во регионот на Отворен Балкан за речиси 30 проценти, заклучи Момировиќ. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен