На 50 км. од Скопје, Трамп ќе ни испрати мигранти

Косовската претседателка Вјоса Османи прими официјално писмо од американскиот претседател Доналд Трамп во кое Вашингтон ја поздравува согласноста на Приштина да прифати педесет мигранти депортирани од Соединетите Држави. Трамп го нарекува овој чекор „јасен доказ за силата и сочувството на косовскиот народ“ и „показател за подготвеноста на Косово да соработува со својот најблизок стратешки партнер“.

Во писмото, објавено од Кабинетот на Османи, американскиот лидер подвлекува дека двете земји „споделуваат длабока врска заснована на взаемна почит и демократски вредности“, изразувајќи увереност дека партнерството „ќе се продлабочува во годините што доаѓаат“. Трамп ја опишува Османи како „вистински пријател на Соединетите Американски Држави“ и ја пофали нејзината „храбра лидерска улога“ во исполнувањето на американското барање.

Одлуката Приштина да отвори привремено засолниште за мигрантите беше донесена во јуни, по барање на Вашингтон, и предвидува тие да останат во Косово до една година, додека се разгледуваат можностите за нивно безбедно враќање во татковините.

Писмото пристигна во момент кога администрацијата на Трамп спроведува поостра имиграциска политика, но истовремено се обидува да покаже дека депортациите можат да се изведуваат „човечно и во соработка со сојузниците“. За Косово, кое издвојува посебен дипломатски капитал за продлабочување на врските со САД, приемот на мигрантите е уште еден сигнал за европските и евро-атлантските амбиции.

На крајот од писмото, претседателот Трамп ги пренесува „топлите поздрави и најдобрите желби“ од првата дама Меланија Трамп, истакнувајќи ја, како што наведува, „семејната приврзаност кон косовските пријатели“.

Зачлени се на нашиот е-билтен