Дигиталното опкружување стана главно бојно поле за идеолошки конфликти, манипулација со информации и пропаганда во последниве години. Национализмот, екстремизмот и странските пропагандни кампањи се шират побрзо од кога било досега, а најранлива група во овој процес се младите луѓе – тие се генерација која ги добива своите информации речиси исклучиво преку интернет и социјалните мрежи.
Западниот Балкан е простор каде што траумите од минатото, нерешените политички односи и етничките поделби и понатаму силно влијаат на општествените процеси. Во една таква средина, дигиталните платформи станаа главен канал за ширење на национализам, пропаганда и дезинформации.
Младите луѓе, кои ги добиваат своите информации речиси исклучиво преку интернет, се особено ранливи на овие наративи. Политичката манипулација во минатото бараше постоење на организирани структури и физичка мобилизација, а денес доволни се неколку вирални објави, мемиња или кратки видеа за да се разгорат тензии и да ги продлабочат поделбите.
Младите поминуваат повеќе време онлајн во споредба со секоја друга возрасна група. Нивниот идентитет, ставови и чувство на припадност најчесто се формираат во дигиталните заедници, а не во традиционалните општествени структури. Експертите предупредуваат дека токму оваа комбинација од интензивно онлајн присуство, емоционална ранливост и потрага по идентитет е идеален терен за ширење на екстремистички и пропагандни наративи.
Брајан Хјуз, заменик-директор на PERIL (Лабораторија за истражување и иновации на поларизација и екстремизам), истакнува дека денес е речиси невозможно е да се избегне соочувањето со екстремистичка содржина.
„Во времето пред да имаме компјутери, еден млад човек би имал навистина исклучителна несреќа за да сретне пропагандист кој би можел да ја насочи неговата ранливост кон екстремизам. Денес, искрено, невозможно е да се избегне тоа, бидејќи секој пат кога ќе се најавиме, се соочуваме со пропаганда и говор на омраза.“
Оваа изјава јасно покажува колку многу се променила динамиката на радикализацијата. Младите луѓе повеќе не мора активно да бараат екстремистичка содржина, туку алгоритмите се тие кои ја наоѓаат истата наместо нив.
Зошто земјите од Западен Балкан се особено чувствителни?
Регионот сè уште ги трпи последиците од војните во 1990-тите години, различните толкувања на минатото и силните етнонационални наративи. Младите луѓе растат во општества каде што историјата честопати е инструментализирана, а политичките елити го користат национализмот како средство за одржување на власт. Кога на ова ќе се додаде нерегулираниот дигитален простор, како резултат добиваме една експлозивна комбинација.
Едно истражување направено од платформата Journalift покажува дека младите луѓе во регионот имаат тешкотии да ја разберат сопствената реалност токму затоа што се „преоптоварени од историски спорови, различни перцепции за неодамнешното минато и политички прашања“. Токму ваквата конфузија и недостаток на јасни одредници ги прават да бидат лесни мети за манипулативни наративи.
Во истиот извештај, експерти од Србија, Албанија и Црна Гора истакнуваат дека лошото образование, вкоренетите предрасуди и политичките наративи се клучни фактори што придонесуваат за растот на национализмот кај младите луѓе.
Марко Милошевиќ од Младинската иницијатива за човекови права со седиште во Белград прави една важна дистинкција. „Мора да постои јасна разлика помеѓу патриотизмот и национализмот, а таа граница е повлечена во оправдувањето или негирањето на насилството врз другите“.
Оваа изјава особено ја погодува сржта на проблемот на Балканот: национализмот често се претставува како „заштита на идентитетот“, додека, всушност, се користи за нормализирање на исклучувањето и глорифицирање на воените злосторства.
Странска пропаганда е насочена кон Балканот: руското влијание како пример
Западниот Балкан е исто така геополитички простор каде што се пресекуваат интересите на големите сили. Русија, според анализата на „Детектор Медиа“, активно ги користи локалните наративи за да ја поткопа европската интеграција на земјите од регионот. Студијата покажа дека шест големи проруски канали на Телеграм шират „вкоренети локално чувствителни наративи и антиукраинска реторика“ со цел да предизвикаат дестабилизација и да го зајакнат евроскептицизмот.
Овие канали се насочени кон младите луѓе и го користат нивниот дигитален стил на комуникација – кратки пораки, емотивни визуелизации и поедноставени пораки што се лесни за споделување.

Регионалната студија „Зајакнување на отпорноста на младите против радикализација во земјите од Западен Балкан“ покажува дека младите луѓе во регионот ја препознаваат радикализацијата како растечки проблем, но тие најчесто не ги разбираат механизмите кои доведуваат до тоа. Истражувањето спроведено во БиХ, преку фокус групи на млади луѓе на возраст од 16 до 24 години, открива дека младите луѓе се изложени на различни форми на екстремизам, но она што им недостасува е знаење за да го препознаат и критички да го анализираат.
Ова е особено загрижувачко бидејќи радикализацијата на интернет честопати се случува незабележано, преку хумор, иронија, гејмерски заедници или „патриотски“ страници кои постепено воведуваат поекстремна содржина.
Пропагандата и национализмот не се шират само преку екстремистички групи, туку и преку секојдневни дезинформации. Поранешниот американски претседател Барак Обама предупреди на опасноста од нормализација на лажни информации. „Има толку многу активни дезинформации, кои се многу добро спакувани, а изгледаат како легитимни вести. Ако сè изгледа исто, нема да знаеме што треба да заштитиме.“
Оваа изјава вистински ја допира сржта на проблемот: младите луѓе кои не читаат книги, весници или проверени извори тешко ги разликуваат фактите од манипулациите. Затоа интернетот се претвори во идеална средина за ширење на „алтернативни факти“.
Зошто младите луѓе на Балканот се особено ранливи?
Причините за тоа се повеќеслојни:
- Недостаток на квалитетно образование – историјата најчесто се предава селективно, а критичкото размислување не е доволно развиено.
- Економска неизвесност – невработеноста и чувството на безнадежност ги прават младите луѓе поподложни на наративи што нудат „лесни решенија“.
- Политичка инструментализација на идентитетот – етнонационалните елити ги користат младите како алатка за мобилизација.
- Дигитална изолација – младите се информираат речиси исклучиво преку социјалните мрежи, каде што доминираат непроверени извори.
Улогата на алгоритмите и дизајнот на платформите
Социјалните медиуми не се неутрални. Нивните алгоритми се дизајнирани така да го максимизираат вашиот ангажман, а содржина кон која луѓето најмногу се ангажираат е најчесто онаа што предизвикува силни емоции – лутина, страв, фрустрација. Токму овие емоции ја хранат пропагандата.
Кејти Пол од Проектот за транспарентност во технологијата предупредува дека платформите се „опасни по својот дизајн“ бидејќи алгоритамски ја засилуваат екстремистичката содржина. „Платформите ги таргетираат младите, го засилуваат екстремизмот и профитираат во тој процес.“
Таа, исто така, наведува загрижувачки пример за автоматското генерирање страници од страна на Фејсбук за интереси на екстремизам, со што дополнително се проширува опфатот на пропагандните групи.
Уште еден важен аспект е фактот дека младите луѓе не се само пасивни консументи на пропагандата – тие честопат и самите ја создаваат. Алекс Њухаус од Институтот Мидлбери вели дека многу креатори на екстремистичка содржина се тинејџери: „Луѓето што создаваат пропаганда најчесто се на возраст меѓу 13 и 21 година, што значи дека платформите и содржината се веќе насочени кон адолесценти“.
Ова создава маѓепсан круг: младите луѓе создаваат содржина за други млади луѓе, со што радикализацијата се забрзува и нормализира.
Како да се спротивставиме на пропагандата во земјите од Западен Балкан?
Регионот има итна потреба од системски програми за медиумска писменост. Младите луѓе мора да научат:
- како да се препознаат манипулативни наративи
- како да се провери изворот
- како да се разберат препораките кои ги даваат алгоритмите
- како да се разликуваат историските факти од политичките толкувања
Без овие вештини, младите луѓе и понатаму ќе бидат лесна цел.
Западен Балкан е регион каде минатото и сегашноста се испреплетуваат на начин што прави младите луѓе да бидат особено ранливи на национализам и пропаганда. Дигиталниот простор само ги забрза и засили процесите што постоеја претходно, но тие сега функционираат побрзо, поагресивно и пософистицирано.
Сепак, решенија постојат: образованието, критичкото размислување, независните медиуми и одговорните институции можат да создадат генерација млади луѓе кои нема да бидат заробени во наративите од минатото. Борбата против пропагандата не е само прашање на технологија, туку е прашање на општествена зрелост, политичка волја и подготвеност да се соочиме со сопствените слабости.
Во свет каде што е сè потешко да се распознае вистината, борбата против пропагандата започнува со разбирање на начинот на кој таа функционира и зошто е толку успешна. Таквото едно разбирање е првиот чекор кон создавање на поотпорно, поинформирано и побезбедно општество.
Анализа на Харис Љево, преземена од академскиот блог Республика.еду.мк