Од воведувањето на визи за турските граѓани кон крајот на октомври, Црна Гора се соочува со забележлив одлив на турски државјани и пад на економската активност. Според подгорички медиуми, во изминатиот период земјата ја напуштиле речиси 9.000 Турци, а 31 турска компанија е избришана од регистрите само во текот на ноември.
Одлуката за укинување на безвизниот режим уследи по инцидентот во подгоричката населба Забјело, на 25 октомври, кога жител на Подгорица беше прободен со нож. Иако првичните информации упатуваа на вмешаност на турски државјани, подоцна истрагата утврди дека напаѓачите биле двајца Азербејџанци. Инцидентот сепак предизвика бран десничарски протести, проследени со палење на продавници во сопственост на Турци.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора за весникот „Вијести“ потврди дека од 27 октомври до денес земјата ја напуштиле 8.935 турски државјани. Истовремено, бројот на нивни престои и посети значително се намалил. Порталот „Банкар“ објави дека во последниот месец се затворени повеќе од 30 турски компании, што значи дека просечно по една фирма престанувала со работа секој ден.
Според податоците од Даночната управа, турските граѓани досега регистрирале 2.140 компании во Црна Гора, главно во секторите трговија, градежништво, угостителство, консултантски услуги и изнајмување автомобили. Само во последниот месец 31 фирма е избришана од Централниот регистар, а од почетокот на 2025 година вкупно 234.
Анализите укажуваат дека безбедносните случувања и воведувањето визи би можеле да остават негативни последици врз пазарот, а извесно е дека дел од инвеститорите го преиспитуваат престојот во земјата.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, изјави дека очекува брзо повторно укинување на визите за турските граѓани, нагласувајќи дека по инцидентот е интензивирана соработката меѓу безбедносните служби на двете држави.
„Верувам дека наскоро ќе ги укинеме визите за турските граѓани,“ порача Ибрахимовиќ.

