Поранешната министерка за труд и социјални прашања во Владата на Алексис Ципрас и актуелна пратеничка Ефи Ахциоглу и официјално е кандидатка за претседателка на СИРИЗА, што воедно е и првиот кандидат за лидерската позиција во партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Ахциоглу денеска ја презентираше нејзината кандидатура и истакна дека потребна е ефикасна и упорна работа за да се врати перспективата за силна СИРИЗА.
-Мојата кандидатура за функцијата претседател на СИРИЗА и лидер на опозицијата, всушност не се однесува само СИРИЗА. Се однесува на Грција, се однесува на општеството. Се однесува на левицата и движењата на новата ера, се однесува на секој демократски прогресивен граѓанин, истакна Ахциоглу.
По оставката на Алексис Ципрас од лидерската позиција во СИРИЗА, партијата ќе треба да го одбере неговиот наследник, а засега, 38-годишната Ахциоглу е единствената што официјално ја соопшти кандидатурата.
Паралелно, се споменуваат и поранешните министри Никос Папас и Евгклидис Цакалотос дека во следните денови и тие ќе ги достават нивните кандидатури.
За следниот викенд закажан е состанок на Централниот комитет на СИРИЗА, каде што ќе бидат донесени конечните одлуки за избор на нов партиски лидер.