Студентите во блокадата на белградскиот универзитет од понеделник ги блокираат влезовите на Радио телевизија на Србија (РТС) и во Таковска и во Коштуњак. Граѓанскиот протест пред Радио-телевизија Војводина во Нови Сад синоќа и официјално заврши.
На главниот влез пред РТС и утринава има голем број студенти и граѓани кои дојдоа да им дадат поддршка. Дел од студентите се собраа и на споредниот влез во Абердарева улица.
Улицата Таковска останува блокирана, како и улицата Илија Гарашанин каде се поставени барикади.
Да потсетиме, вчера во РТС инспектори од Полициската управа за Белград уапсија маж кој се обидел да помине низ блокадите. Во утринските часови на една од улиците дошло до тепачка меѓу студентите и полицијата, а по смирувањето на ситуацијата полицискиот кордон се повлекол од улицата Илија Гарашанин.
Студентите: Повторете го процесот за избор на членови на РЕМ
Студентите кои ги блокираат факултетите во Белград на својот Инстаграм профил објавија писмо до собраниската Комисија за култура и информирање, во кое бараат да се повтори процесот за избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).
Студентите бараат УО да го повтори тој процес со откажување на претходниот јавен повик и објавување на нов, со транспарентен процес пред јавноста.
- Протестот пред Радио и телевизија на Србија ќе трае додека не објавите јавен повик за избор на членови на Советот на РЕМ – порачаа студентите.
Голем број граѓани синоќа пред РТС
Иако блокадата трае од понеделник, граѓаните и студентите синоќа масовно се собраа. Насобраните пред зградата на РТС во Таковска кренаа врева со свирежи, вувзели и скандирања. Сообраќајот на таа улица се уште е во прекин. Студентите во блокадата ја блокираат и зградата на РТС на Кошутњак, па сообраќајот е блокиран на улицата Кнез Вишеслав.