Проруската бугарска „Преродба“ гласаше против резолуцијата за Србија во Европскиот парламент

„Преродба“
Фото колаж: БГНЕС

Европратениците од бугарската партијата „Преродба“ („Вазраждане“) гласаа против резолуцијата на Европскиот парламент, усвоена денес со големо мнозинство, во која остро се критикува режимот на Александар Вучиќ, објави БГНЕС.

Во усвоената резолуција, Европскиот парламент остро ги осудува нападите и дискриминаторскиот третман на припадниците на националните малцинства во Србија, експлицитно наведувајќи ги случаите што ги засегаат Бугарите, Словаците во Бачки Петровац, Романците и Хрватите, пишува БГНЕС. Документот, исто така, изразува сериозна загриженост за говорот на омраза и етничките навреди што ги шират провладините медиуми.

Рада Лајкова, Станислав Стојанов и Петар Волгин не се согласуваат со ставовите дека властите во Белград се одговорни за ескалацијата на насилството, репресијата врз демонстрантите и слабеењето на демократските институции во земјата. Тие, исто така, ја оспоруваат оценката дека властите во Србија прибегнале кон притисок врз медиумите и судството, како и кон „системска злоупотреба на моќта“ за време на протестите по трагедијата во Нови Сад.

БГНЕС потсетува дека лидерот на проруската и просрпска партија „Вазраждане“, Костадин Костадинов, неодамна повика на заедничка стратегија со режимот во Белград. Овој повик беше упатен во опширно интервју на Костадинов за провладиното националистичко белградско издание „Вечерне новости“.

„Бугарија е слаба земја, а Србија е изложена на разни напади, сега во форма на обоена револуција, која трае речиси една година. Во секој случај, би било добро да се размислува за заедничка стратегија, бидејќи ако работиме одделно или едни против други, немаме иднина“, рече Костадинов, чие интервју веднаш го дистрибуираа сите медиуми контролирани од режимот на Александар Вучиќ.

Костадинов претходно се сретна со поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, на конференција на српски национални организации од земјите во регионот, која се одржа во Бања Лука.

Додик е најблискиот сојузник на режимот на Вучиќ. Лидерот на босанските Срби, како и луѓето од неговиот најблизок круг, се предмет на санкции од САД и Велика Британија.

ЕУ и НАТО се главните мети на критиките од Додик, кој во исто време промовира блиски односи со БРИКС и е чест гостин на Владимир Путин во Москва. По повод Денот на Свети Сава, кога Додик беше во македонскиот главен град, Скопјe, тој изјави дека „Македонија е пример за непринципиелноста на ЕУ“.

Во јуни 2024 година, Додик, на чело на делегација од РС, учествуваше на таканареченото Сесрпско собрание, кое усвои декларација со која се поддржуваат хегемонистичките цели на доктрината „Српски свет“, чиј главен идеолог е поранешниот српски вицепремиер Александар Вулин, санкциониран од САД.

Властите во Белград и Бања Лука се познати и по негирањето на геноцидот во Сребреница, кој беше признат од Генералното собрание на ООН како воено злосторство. Во летото 1995 година, силите на босанските Срби, под команда на генералите Радко Младиќ и Радован Караџиќ, масакрираа над 9.000 босански цивили.

Зачлени се на нашиот е-билтен