Во заеднички авторски текст за угледниот германски Франкфуртер Алгемајне цајтинг (ФАЦ), претседателот на Србија и премиерот на Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама, му понудија на Брисел необичен договор: да ни дадат пристап до единствениот пазар и Шенген, а ние не бараме право на вето. Додека некои го гледаат ова како спас за проширување, други веруваат дека ова е единствениот реалистичен пат до бриселската маса.
„Многу Европејци се прашуваат дали ЕУ може да продолжи ефикасно да функционира со значително повеќе членови. Загриженоста за донесувањето одлуки, институционалната рамнотежа и политичката кохезија се легитимни. Лидерите во Париз, Берлин и на други места нагласуваат дека внатрешните реформи на ЕУ може да бидат неопходни за да се обезбеди дека проширената ЕУ останува способна за решителна акција“, наведуваат Вучиќ и Рама во текстот во ФАЦ.
Тие додаваат дека научиле, честопати на тешкиот начин, колку е тешко да се убедат сите земји-членки да ги забрзаат процесите на пристапување на земјите-кандидатки и колку лесно може да се блокира напредокот, „честопати од причини вкоренети во внатрешните политички размислувања на поединечните земји-членки“.
„Да им се каже на идните членки дека мора да почекаат реформи во рамките на ЕУ пред да се приклучат би било еднакво на затворање на вратата: говори што ја потврдуваат посветеноста на добредојде на нови членки, додека всушност малку или ништо не се случува. Тоа би било погрешно, контрапродуктивно, па дури и опасно во овие времиња“, оценија Вучиќ и Рама.
Тие велат дека ја напишале статијата заедно „затоа што признаваат дека Европа денес се стреми кон две подеднакво легитимни цели – земјите-кандидатки бараат реален пат кон полноправно членство, додека земјите-членки сакаат да го зачуваат капацитетот на ЕУ за дејствување и нејзиното единство“.
„Таа тензија, со имагинација и политичка волја, може – всушност мора – да стане стратешка можност. Затоа се залагаме за забрзана интеграција на подготвените земји-кандидатки во Единствениот пазар и Шенген зоната. Ова би можело да донесе опипливи придобивки за граѓаните, а во исто време да ја зајакне економската и геополитичката позиција на ЕУ, без да ја оптовари нејзината архитектура за донесување одлуки или да ја промени нејзината институционална рамнотежа“, истакнаа тие.
„Убедени сме дека ова би ги ублажило загриженостите на оние земји-членки кои се воздржуваат од прашањето за поголемо проширување – и затоа што би им било многу полесно убедливо да го претстават процесот на својата јавност“, напишаа претседателот на Србија и премиерот на Албанија.
Тие, исто така, напишаа дека реформите, што значат усогласување со стандардите на ЕУ во практично секоја област од јавниот живот, се „скапи и политички тешки, но се преземаат затоа што целта вреди“.
„Нашите две земји и целиот регион – со сите нивни разлики и заеднички предизвици – се променија на начини што би биле незамисливи пред десет години. Но, реформите и напредокот не можат да се засноваат само на вера“, се вели во текстот.
Во делови од Западен Балкан, ентузијазмот за ЕУ опстојува и покрај болните разочарувања, наведуваат двајцата лидери, додавајќи дека Албанците се и остануваат оптимисти, додека Србите се поскептични.
„Но, постои заеднички именител во регионот: Луѓето треба да видат дека процесот е кредибилен и дека членството е достижно во разумен рок“, изјавија Вучиќ и Рама.
Тие истакнуваат дека проширувањето на ЕУ никогаш не било чин на добротворност, туку дека отсекогаш било „заемно корисна инвестиција“ – ЕУ доби нови пазари, талент, стратешка длабочина и политичка стабилност, додека новите членки добија просперитет, безбедност и глас во обликувањето на Европа.
„Прво на сите, мирот на нашиот континент е дополнително зајакнат – до степен што никогаш не е виден во европската историја. Противниците на Европа напредуваат благодарение на наративите за пад и поделба. Силата на Европа отсекогаш произлегувала од нејзината способност да ги трансформира кризите во интеграција, а различноста во единство“, напишаа Вучиќ и Рама.
Лидерите на Србија и Албанија наведуваат дека од падот на Берлинскиот ѕид, „малку работи ја трансформирале Европската Унија толку длабоко како нејзиното проширување“.
Со проширувањето на своите институции, правила и пазари на нови членки, ЕУ придонесе за воспоставување демократија, стабилност и просперитет низ поголемиот дел од континентот, велат тие и додаваат дека ниеден друг политички инструмент не ја променил Европа подлабоко или помирно.
„Сепак, ниту една нова членка не се приклучила на ЕУ од 2013 година. Иако ова не мора да одразува недостаток на посветеност, туку посложена средина – внатрешни реформи, геополитички тензии, институционални ограничувања и легитимни загрижености во рамките на земјите-членки – суровоста останува иста и оваа тажна и обесхрабрувачка реалност трае предолго“, се вели во статијата.
Вучиќ и Рама посочуваат дека достигнувањата на европскиот проект се неоспорни бидејќи „ниту една генерација Европејци не доживеала таков мир, мобилност и просперитет“ и додаваат дека проширувањето одиграло централна улога во ова, проширувајќи ја заедницата заснована на демократија, владеење на правото и економска размена.
„Во нашиот дел од Европа, Западен Балкан, перспективата за членство останува најсилната движечка сила зад реформите, инвестициите и помирувањето. ЕУ продолжува да биде многу ангажирана преку финансиска поддршка, политички дијалог и секторска интеграција. Ѝ благодарни сме за тоа. Сепак, трансформативното влијание на полноправното членство сè уште не е материјализирано. Крајно време е ЕУ да препознае дека Западен Балкан претставува нова граница за инвестирање во силата на ЕУ“, наведуваат Вучиќ и Рама во авторски текст за Фрнакфуртер Алгемајне Цајтунг.