Албанскиот премиер Еди Рама ги бранеше плановите за изградба на голем туристички комплекс во еколошки чувствителна област поврзана со инвестициски интереси од семејството на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот предизвика протести во текот на викендот, но Рама го осуди насилството против неговите противници, објави „Катимерини“.
Премиерот ги обвини приватните обезбедувачи за судирите во крајбрежната област Звернет во регионот Валона во јужна Албанија, во кои беше повреден грчки државјанин. Сепак, тој силно го бранеше проектот од 4 милијарди евра, велејќи дека ќе привлече богати туристи и ќе создаде работни места за локалното население.
Планирано е комплексот да се гради во област со висока еколошка вредност, вклучувајќи лагуна и живеалишта за многу видови птици. Ова ги налути екологистите и локалното население, од кои многумина се членови на грчкото малцинство во земјата.
Изјавата на Рама следеше по изјавата на грчкото Министерство за надворешни работи, кое изрази „сериозна загриженост“ за насилството во саботата и го поврза случајот со европската перспектива на Албанија.
„Ја нагласуваме потребата од целосно почитување на владеењето на правото, вклучително и заштитата на правата и имотот на членовите на грчкото етничко малцинство, како и важноста на ефикасната заштита на природните подрачја во согласност со европските практики, чие почитување е услов за напредок во процесот на пристапување на Албанија во Европската Унија“, се вели во соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи.
Проектот Звернец е поврзан со потенцијални инвестиции од ќерката на Доналд Трамп, Иванка Трамп, и нејзиниот сопруг, Џаред Кушнер.
Албанското орнитолошко друштво, една од водечките организации за заштита на природата во земјата, е остро против проектот и планира да протестира против него во недела.
