Разбиена е албанска нарко мрежа за шверц на десеттици тони кокаин вреден 3.5 милијарди евра

Фото: Europol
Фото: Europol

Во коорднинара операција предводена од Европол, разбиена е меѓународно активна албанска нарко мрежа на организиран криминал, осомничена за шверц за десеттици тони кокаин и за перење пари.

Пазарната вредност на запленетите 17 тони се проценува на 3.5 милијарди евра, што го открива обемот на меѓународната мрежа.

Специјализираното обвинителство на Албанија (SPAK), во соработка со Европол и голем број европски полициски служби, разби голема криминална организација која од 2020 до 2021 година успеала да прошверцува вкупно со 28 тони кокаин од Јужна Америка во Европа. Приходите од криминалната активност беа перени преку инвестиции во недвижности и хотелскиот сектор во Албанија.

Операцијата беше спроведена со активна соработка на Европол, како и на судските и полициските власти од Белгија, Франција, Холандија, Германија и Италија. Анализата на податоците и пресретнатите комуникации од шифрираната платформа SkyECC, која неодамна беше разбиена, одигра клучна улога, објавува порталот „Сири“.

Организацијата работеше глобално, во партнерство со други групи, за да го олесни транспортот на пратките до европските пристаништа, а потоа ги инвестираше профитите во недвижности и бизниси во Албанија и во странство.

Мрежата е обвинета за организирање на трговија со 28 тони кокаин, поделени во неколку пратки, помеѓу 2020 и 2021 година, испратени од Парагвај до пристаништата Антверпен (Белгија) и Хамбург (Германија). Од нив, запленети се 17 тони, со пазарна вредност од околу 3,5 милијарди евра.

Дрогата била скриена во кутии со сапун, конзерви за боја или индустриски лепак, испратени од Јужна Америка до водечките европски пристаништа. За покритие, на пакетите биле ставени брендови како „Фокс“, „Пума“ и „Си ме руфе“.

Истрагата на СПАК покажува дека групата е водена од Парагвај, каде што двајца од водачите – браќата Елвис и Ервис Чела – ја контролирале целата трговија. Друга водечка фигура, Френк Чопија, беше уапсен во Белгија.

Финансиските текови се извршувале преку разни шеми – физички трансфери на готовина од ЕУ до Албанија преку меѓународни возачи, користење на неформалниот систем Хавала и криптовалути.

СПАК воспостави врска помеѓу мрежата и пет компании регистрирани во Драч, Каваја и Рогозина, вклучувајќи ја и „AMR shpk“, во сопственост на Фадил Бала. Компанијата е сопственик на хотелскиот комплекс „Ајман Парк Ризорт“ во селото Џафзота, во близина на Драч, кој е запленет по наредба на специјализираниот суд. Запленети се и двокатна вила во Дерми (проценета на околу 1 милион евра), голем број имоти и земјиште во Шара (Тирана), како и други комерцијални компании.

Во случајот се издадени 16 налози за апсење, девет лица се ставени под судска контрола во Албанија, од кои седум се во притвор, вклучувајќи го и Ервис Чела. Нови обвиненија се поднесени и против Франк Чопија (познат и како Франк Гергели), кој моментално е притворен во Белгија под обвинение за трговија со дрога и организиран криминал.

Според БИРН, обвинителите Алтин Думани и Владимир Мара ја опишаа мрежата како „една од најмоќните албански организации во меѓународната трговија со кокаин“, способна да влијае на цените на дрогата на европските пазари и да работи во огромни количини за кратко време. Нејзината финансиска сила, висок степен на организираност и способност за брзо надоместување на загубите ја издвојуваат од другите криминални групи познати на СПАК.

Оваа акција покажува колку тесно се поврзани трговијата со дрога, перењето пари и економската пенетрација во клучните сектори како што се недвижностите и туризмот во Албанија и ја истакнува потребата од построги контролни механизми, финансиска транспарентност и борба против корупцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен