Јавната обвинителка на Србија Загорка Доловац го прифати писмото на студентите и им порачала на академците да изберат пет лица кои веднаш ќе одат на средбата со нејзината делегација.
Како што е кажано за порталот Нова.рс, студентите нема веднаш да одговорат на поканата на Доловац, туку на своите пленуми прво ќе разговараат на оваа тема.
Поканата до студентите е првиот случај што јавната обвинителка на републиката прифатила или повикала некого на разговор и може да се третира како преседан, со оглед на тоа што до сега немала комуникација со јавноста.
Коментирајќи ја одлуката на Доловац да ја прифати поканата, адвокатот Иван Ниниќ за „Нова“ вели дека станува збор за „игра“ меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и јавната обвинителка на Републиката. Според него, причина за ваквата одлука е пораката на студентите дека Вучиќ не им е соговорник и дека не сакаат да водат дијалог со него за теми за кои тој не е надлежен.
„Мислам дека тоа не е повик на Загорка Доловац, бидејќи таа е посредникот на Александар Вучиќ, таа е неговиот „стент“. Во суштина, ова е покана на Вучиќ да разговараме преку Доловац, а сето тоа се должи на тоа што на улица излегоа 100.000 луѓе“.
„Ѓаволот му ја одзеде шегата, сфати дека не може да се однесува како до сега, а имајќи го предвид тоа што му го кажаа студентите – да нема разговор со него, се обидува да игра со Доловац“. објаснува Ниниќ.
Тој подвлекува дека студентите треба да бидат внимателни, бидејќи, како што вели, во власта седат врвни измамници.