Бугарското Министерство за надворешни работи испрати официјална дипломатска нота до Грција во врска со затворањето на клучните патишта и гранични премини за време на протестните акции на грчките земјоделци.
Во нотата се нагласува дека продолжената блокада на патиштата и граничните премини довела до сериозни економски тешкотии за бугарските транспортни компании, извозници и граѓани, како и до кршење на слободното движење на луѓе и стоки гарантирано со правото на Европската унија.
„Бугарската страна изразува очекување дека прашањето ќе биде разгледано конструктивно и во духот на добрососедството, како и дека ќе бидат преземени конкретни мерки за да се спречат слични ситуации во иднина“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Премиерот на бугарската влада во заминување Росен Жељазков објави дека добил уверенија од својот колега Киријакос Мицотакис дека прашањето за блокадата на границата ќе биде решено во наредните денови.
„Добив уверение од Мицотакис дека прашањето за блокадата на границата ќе биде решено во наредните денови“, напиша Жељазков.
Двајцата разговараа во Париз, каде што учествуваа на состанокот на Коалицијата на волјата.