Пратеничката Јасмина Обрадовиќ е во болница откако се здоби со повреди за време на нередите што ги предизвикаа опозициските пратеници во Собранието на Србија.
„Верувам во нејзината сила. Ќе победи Јасмина, ќе победи Србија“, напиша претседателот Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Покрај Вучиќ, пратеничката ја посети и Милош Вучевиќ, премиерот на Србија, кој истакна дека Јасмина Обрадовиќ е една од најхрабрите жени што ги познава.
Нередите во Собранието на Србија настанаа по усвојувањето на дневниот ред, кога опозициските пратеници во салата фрлиле димни бомби и запалиле бакли.
Министерот за здравство, Златибор Лончар, изјави дека пратеничката Јасмина Обрадовиќ доживеала мозочен удар за време на нередите и нејзината состојба е крајно сериозна.
„Таа има екстремно висок крвен притисок, кој достигнува вредности над 200, и поради тоа не можеме целосно да ја завршиме дијагностиката. Не реагира на терапијата и лекарите прават сè што е во нивна моќ за да ѝ го стабилизираат притисокот“, изјави Лончар.
Пратеничката ќе остане во болница под постојан надзор на кардиолози и невролози, додека тимот на лекари продолжува да бара начини за стабилизирање на нејзината состојба и проценка на оштетувањата од мозочниот удар.
Лончар откри дека покрај Обрадовиќ, повредени се и две други пратенички:
-Една пратеничка е погодена со тап предмет во главата и има сериозни повреди, кои се привремено санирани, а пратеничката Соња Илиќ, која е во осмиот месец од бременоста, е примена во Градската болница, каде што лекарите водат борба за да го спасат бебето и да ја стабилизираат нејзината состојба, вели тој.