Верност среде пожар во Загреб, кучето не ја остави сопственичката додека била без свест

Screenshot: Foto: JVP Zagreb

Верност среде пожар во Загреб, куче останало покрај својата сопственичка додека таа лежела без свест во задимен салон во населбата Стењевец. Пожарот избувнал рано утринава, на 15 август, а пожарникарите по влегувањето во заклучениот објект ја пронашле 27 годишната жена жива, но онесвестена. До неа цело време било нејзиното куче, објави Net.hr.

Пожарот избувнал околу 5.30 часот во салон за нега на домашни миленици. Пред пристигнувањето на пожарникарите, граѓани се обиделе да го изгаснат огнот со противпожарни апарати, но пламенот веќе зафатил дел од просторот.

Пожарникарите морале насилно да влезат во заклучениот салон. По гаснењето на огнот започнале со расчадување и пребарување на просториите.

Тогаш ја пронашле сопственичката.

Жената се наоѓала во просторија што не била директно зафатена од огнот, но била без свест поради чадот. Пожарникарите веднаш почнале да ѝ даваат кислород и да ѝ укажуваат помош до пристигнувањето на екипата на Итната медицинска помош.

Потоа била пренесена во Клиничката болница „Свети Дух“ поради вдишување чад.

Покрај неа пожарникарите го пронашле и нејзиното куче.

Според Net.hr, животното не се одвоило од сопственичката додека таа била без свест и останало покрај неа сè додека пожарникарите не ги пронашле и не ги извлекле на безбедно.

И кучето било спасено. Додека сопственичката се лекува, за животното ќе се грижат надлежните служби.

Причината за пожарот засега не е утврдена. Полицијата соопшти дека дел од салонот изгорел и дека се утврдуваат околностите под кои избувнал огнот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?