Српскиот претседател Александар Вучиќ се обрати во живо пред утрешниот голем студентски протест во Белград.
Вучиќ на почетокот на своето обраќање рече дека тешката несреќа во Нови Сад ја погоди цела Србија. „Моравме да воспоставиме јасна, брза, но не произволна одговорност. Државата го направи тоа. Само два дена по страшната трагедија во Нови Сад, се соочивме со деструктивни и насилни демонстрации, во кои беше направен обид да се запали и окупира зградата на Градското собрание во тој град“.
Следеа студентски протести. На сите четири барања на студентите одговоривме со целосно внимание, но до средината на декември и јас и надлежните служби во земјава знаевме дека никогаш ништо нема да биде доволно, дека „барањата“ никогаш нема да се исполнат.
„Целта не беше да се исполнат барањата, туку да се изврши обоена револуција во Србија“, рече тој и ја продолжи својата верзија за хронологијата на настаните, пренесуваат медиумите.
„Наместо државните органи, правдата ја презедоа пленумите. Загрижува фактот што луѓето сакаат да знаат кој работи во Србија, додека институциите не смеат да ја вршат својата работа. Ова е незаконско однесување со кое се спречува слободата на движење во повеќе од 150 општини. Каде и да се појават 10, 20, 500 или илјада луѓе, се ускратува едно од основните права на народот. Страдавме, пуштивме се, а некои мислеа дека незаконското однесување може да трае вечно“, рече Вучиќ, нарекувајќи ја оваа појава протестен туризам, кој прерасна во физичко насилство, како што истакна, особено кон новинарите.
Тој ја нарече блокадата на Радио телевизија на Србија „чисто насилство“ и „герилска акција“, бидејќи „државата во Србија е веројатно доволно глупава за да не знае што прават децата“.
„Кукавички ја нападнаа српската полиција од зад грб“, рече Вучиќ, додека „власта секогаш била за дијалог, избори и референдум. Одбија секаков нормален разговор, и бараа влез во владата без волја на граѓаните. Мислеа дека притисокот врз мене ќе биде толку голем што ќе се исплашам. Повторувам – нема да има измамнички влади без избори додека сум жив“, нагласи тој и на вообичаен начин продолжи да ги набројува неговите наводни достигнувања, плати, пензии итн.
Потоа премина на студентскиот протест за кој рече дека е незаконски. „Наместо палките што би се користеле во Германија и Франција, ние ќе помогнеме да се обезбеди секој митинг. Организаторите на нелегалниот собир ја сносат целата одговорност, но ние ќе направиме се за да обезбедиме мир. Тие што ќе го нарушат мирот ќе бидат уапсени и најстрого казнети. Кој планира да ги нападне оние што протестираат, веднаш ќе биде уапсен. Секој демонстрант што ќе нападне некого ќе биде уапсен“.
„Многу ме вознемири информацијата дека во автомобил украден од Босна и Херцеговина недалеку од зградата на РТС се пронајдени молотови коктели, бејзбол палки и балави“, додаде тој, велејќи им на студентите:
„Ќе се соберете неколку десетици илјади, ќе ни кажете што имате па ќе видиме дали сте за дијалог. Во овие четири месеци не сме извадиле пендрек. На сите што беа на власт во последните 25 години им одржавме лекција по демократија“, посочи тој.
Тој рече и дека со помилувањето на 12 уапсени на протестите во Ниш ја „направил најголемата грешка во неговиот претседателски мандат“, бидејќи меѓу нив бил и извесен Дејан Багариќ и за тоа им се извини на граѓаните на Србија.