Земјоделците од северна Грција за денеска најавија протестен собир на пристаништето во Солун, каде што ќе пристигнат со трактори, автобуси и земјоделска механизација од пунктовите што претходно ги поставија во поширокиот регион на градот. Според информациите од Атина, за време на протестот се очекува граничните премини Евзони и Ники кон Северна Македонија да останат отворени.
Организаторите најавуваат дека во Солун планираат симболично, во траење од неколку часа, да го блокираат пристаништето. По завршувањето на собирот, земјоделците ќе одржат состанок на кој ќе одлучат дали во текот на денот повторно ќе се воведат блокади на граничните премини.
Во исто време, протестните активности продолжуваат и во другите делови на Грција, каде што земјоделците и понатаму држат блокирани клучни сообраќајници. Најголемиот блокаден пункт е лоциран во централна Грција, кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун–Атина, кој во моментов е затворен за сообраќај, а возилата се пренасочуваат по алтернативни правци.
Комитетот задолжен за координација на земјоделските протести на национално ниво најави нов состанок за сабота, на кој ќе се разгледуваат следните чекори и понатамошните активности.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, како реакција на зголемените производствени трошоци, ниските откупни цени и проблемите поврзани со европските земјоделски субвенции. Главното барање е исплата на заостанатите субвенции.
Грчката Влада соопшти дека останува отворена за дијалог и упати повик до земјоделците да формираат своја делегација, која би била примена на средба на високо ниво.